Дебакл на Металург во последниот меч пред своја публика

Со Лино Червар на трибини и без никакви шанси за продолжување во втората фаза од Лигата на шампионите, Металург одигра натпревар без душа во претпоследното коло од групната фаза и заслужено загуби со 22:30.

Ракометарите на Металург одиграа многу слаб натпревар, а тоа се виде уште во првите 6 минути кога губеа 1:5. Македонскиот вицешампион се претстави во сосема поинакво издание од првиот меч во Украина на кој имаше +6 на полувреме и на крај ремизираше 28:28.
 
Мотор Запорожје кој и без овој триумф го имаше заверено понатамошниот пласман во елитата, го имаше мечот под контрола и на полувреме водеше 11:16.
 
Второто полувреме не донесе никаква неизвесност. Металурзите во 38-ма минута беа на -6, а во 47-ма на максимални -10 по кои беше јасно дека нема назад.
 
За тимот од Автокоманда ова е шести пораз во девет одиграни натпревари во групната фаза и на едно коло пред крајот се наоѓа на дното на табелата во групата Д со 5 бода.
 
Во последното коло на 2 декември му гостува на Спортинг.
25 ноември 2017 - 19:18