По саботното шоу кога стана првиот голман што му одбранил пенал на Лејтон Бејнс од Евертон, 23-годишниот Де Хеа во интервју за Гардијан вели дека работел претерано многу за да ја достигне најдобрата форма во кариерата.
Како веќе изграден голман во шпанската лига, Де Хеа во Манчестер Јунајтед дојде во 2011-та година од Атлетико Мадрид, кој од трансферот заработи 18,9 милиони фунти што стана рекорден трансфер за еден голман во Премиер лигата. Следната 2012/2013 година, Де Хеа стана стандарден член на екипата која го освои првенството, но сè уште не беше на потребното ниво.
„Првите неколку месеци во Англија беа многу тешки за мене и за моето семејство. Но кога играш за голем клуб како Манчестер Јунајтед, нормално е константно да си под притисок. Ми беше тешко кога ме критикуваа и кога читав дека не сум доволно добар за прв голман на Манчестер Јунајтед. Но издржав и се трудев да останам позитивен", признава Де Хеа дека почетокот му бил тежок.
За прв пат под водство на Ван Гал, „црвените ѓаволи" врзаа две победи во низа, а најзаслужен за тоа беше токму Шпанецот, кој во саботата одбрани пенал и во последните минути од натпреварот им скроти неколку зицери на фудбалерите на Евертон, по што Јунајтед славеше 2:1.
„Мислам дека го играм најдобриот фудбал во кариерата. Овде сум три години и кога ќе се сетам како ми беше на почетокот, сега сум подготвен на сè. Од ваквите натпревари како против Евертон ми расте самодовербата. Што се однесува до пеналот, гледав како шутираат пред натпреварот и одлучив да тргнам на десно и го одбранив пеналот. Слушнав дека тоа бил прв пенал што го промашил и многу сум среќен поради тоа", вели Де Хеа, кој ги пофали и одбранбените играчи.
Во вториот натпревар за Манчестер, младиот стопер Педи Мекнеир пружи уште една зрела партија, а Де Хеа токму него го посочува за иден командант на одбраната.
„Лук Шо и Педи Мекнеир се млади момци и мило ми е што играат така добро. Особено Педи беше брилијантен. Напредуваме заедно, затоа што многу ми беше полесно кога имав искусна одбрана пред себе. Сега тие се нови во составот и верувам дека добро ќе соработуваме", заклучува Де Хеа, кој се посериозно се наметнува за прв голман на шпанската репрезентација, која е во група со Македонија.
Лична карта: Давид де Хеа
Роден: 7.11.1990 во Мадрид
Клубови: Атлетико Мадрид, Манчестер Јунајтед
Репрезентација: Шпанија У-16. У-19, У-21, сениори
Трофеи: ЕП У-17 (2007), ЕП У-21 (2011. 2013), Лига Европа и Супер Куп (Атлетико Мадрид, 2010), Премиер лига (Ман. Јунајтед, 2012-13), Комјунити Шилд (Ман. Јунајтед, 2011, 2013).