Таман кога ќе помислиме дека балканските тензични комшиски средби се единствени, ќе стигне демант и тоа од Скандинавија, каде вечерва се игра Нордиското дерби меѓу Шведска и Данска за пласман на ЕП 2016.
Првиот натпревар од двомечот се игра во шведскиот град Солна а атмосферата прва ја распали данската телевизија Канал 5. На удар се најде се што е шведско. Шведската поп-култура, запалени се плочи од групата АББА, прикажувани се инсерти како гори ИКЕА, како е обезглавена куклата Пипи Долгиот Чорап, од шведската книжевна авторка Астрид Линдгрен итн.
Данска најава за гостувањето кај Швеѓаните:
Татко му забранува на синот да ја чита книгата на Златан:
Ривалитетот на овие две земји датира од поодамна. И покрај тоа, немаа ништо против на Европското во 2004. година да одиграат 2-2, резултат со кој отидоа понатаму а Италија испадна и се врати дома.
Во меѓувреме, шведскиот фудбалски сојуз соопшти дека средбата ќе се одигра под големи безбедносни мерки по терористичките напади во Париз. Од УЕФА објавија дека сите селекции во сите бараж дуели ќе носат црн флор околу рацете во чест на загинатите од терористичките напади во Париз. Дуелите ќе почнат со едно-минутно молчење.
„Натпреварот ќе се одигра, тука немаше никакви сомнежи. Ги следевме случувањата синоќа и извлековме заклучоци. Одлучивме заедно со полицијата да преземеме одредени дополнителни безбедносни мерки. Сите кои ќе дојдат на натпреварот ќе бидат сигурни", изјави портпаролот на шведскиот фудбалски сојуз Никлас Бодели за ТВ4.
Реваншот се игра на 17. ноември во Копенхаген. На останатите бараж дуели за пласман на ЕП, БиХ и Република Ирска синоќа одиграа 1-1, а вечерва играат уште и Украина и Словенија во Киев.
Трејлер за вечерашниот меч (20:45):