Силниот вицешампионски состав на Хрватска од минатиот Мундијал, се враќа на светската фудбалска сцена со костурот од пред четири години, кога со пласманот во финале ја крена на нозе цела нација.
Хрватите успеаа да го задржат и истиот селекторт со кој стигнаа до историскиот меч против Франција.
На последниот тест пред Светското ја победија Саудиска Арабија со 1:0, а во Катар ги чека група со Мароко, Белгија и Канада.
На последното гостување на ХРТ, Златко Далиќ откри неколку работи, како на пример дека минатото лето пред решавачкиот меч за пласман во нокаут фазата на ЕП, размислувал за оставка.
„Игравме против Шкотска. Со победа ја поминувавме групата, а со пораз испаѓавме. Донесов одлука сам со себе, дека ако не победиме, нема да бидам селектор. Така решив, но ја победивме Шкотска и отидовме во осминафинале“, вели Далиќ.
Тој се потсети на болниот пораз од Франција од 4:2 во финалето на СП 2018.
"Што би сменил на тој натпревар? Судијата. Двата гола не беа чисти. Првиот гол беше постигнат по фаул кој не постоеше, а вториот по пенал".
По извонредниот историски успех со Хрватска му стигнале доста богати понуди, а тој открива една од Кина.
„Кога пристигнаа богатите понуди ми рекоа да ги искористам и да ги земам парите. По Светското првенство останав, бидејќи цело време зборував за заедништво и патриотизам и тоа го пропагирав. Да тргнев по парите тогаш каква порака ќе им испратив на младите и сите во Хрватска? Едно кажувам, друго правам. Јас сум доволно богат човек, не мислам материјално, но се имам средено во животот, семејство, два сина со факултети.
Имаше страшни понуди особено од еден кинески клуб. Ми понудија договор од 10 милиони евра нето годишно и тригодишен договор. Им се заблагодарив. Претседателот на клубот се врати по половина година. Повторно реков дека не постојат пари за кои би ја напуштил хрватската репрезентација. Никогаш не ми беше жал, горд сум на својата одлука“, заклучи Далиќ.
Првиот меч во Катар, Хрватите го играат против Мароко на 23 ноември во 11 часот.