Француската репрезентација предводена од Рајмонд Доменек одигра мизерно на минатото Светско првенство, а направи и голем скандал, па сега се обидува да сврти нов лист и со новиот селектор Дидие Дешамп да се испере за срамот.
Идејата за да се заборават лошите денови во Јужна Африка е на нивниот спонзор Адидас кој не потсети на Мундијалот во 2010 година кога Франција си ги спакува куферите уште по првата фаза во која освои само еден бод и постигна само еден гол.
Компанијата направи маркетинг трик и уништи копија од истиот автобус во кој француските репрезентативци седеа во него изразувајќи протест во тајмингот предвиден за тренинг. Уништувањето беше атракција за публиката која со овации го проследи моментот.
Инцидентите на француската репрезентација настанаа по поразот од Мексико, по што Николас Ањелка влезе во вербална расправија со селекторот Доменек кој потоа одлучи да го отстрани од тимот и да го прати дома.
Фудбалерите одбија да тренираат и решија да протестираат во автобус, а во кавга со член на стручниот штаб на репрезентацијата влезе и капитенот Патрик Евра кој потоа доби суспензија од пет меча.
Французите по ремито со Уругвај и поразот од Мексико, во третото коло загубија и од домаќинот Јужна Африка, а по Мундијалот, новиот селектор Лорен Блан за првата пријателска средба против Норвешка реши да не ги повика сите 23 репрезентативци кои беа дел од Светското.
Франција на овој Мундијал ќе игра во групата Е заедно со Швајцарија, Еквадор и Хондурас и е главен фаворит за првата позиција.