Југославија под водство на Ивица Осим на Светското првенство во Италија за последен пат играше заедно на едно големо натпреварување. Зборуваме за состав скроен со играчи од Македонија, Србија, Хрватска, Црна Гора, БиХ и Словенија.
Составот пресилен, да не знае Осим кого попрво да стави во прв тим. На првиот меч во групна фаза загубија 4:1 од страшната Западна Германија која го освои Мундијалот и која ги имаше Јирген Клинсман, Лотар Матеус, Андреас Бреме, Руди Фелер, Бодо Илгнер, Андреас Милер предводени од Франц Бекенбауер.
Потоа со идентичен резултат Југославија им се истури на Обединети Арапски Емирати (Панчев двоен стрелец и по еден Сушиќ и Просинечки) и ја совладаа Колумбија 1:0 со голот на Јозиќ. Пречка во осминафинале беше Шпанија која ја победија 2:1 со головите на Пикси во 78-ма и 93-та минута.
Четвртфиналето беше претежок испит бидејќи паднаа на Аргентина со Марадона. По 90 минути 0:0, а на пенали Гаучосите беа подобри со 3:2. Кај Југославија погодија Просинечки и Савичевиќ, а промашија Пикси и Брновиќ. Ивковиќ му ја фати жива на Марадона, но по петтата серија Југославија замина дома откако Гоикочеа го прочита Хаџибегиќ.
„Ако дадев гол, убеден сум дека ќе се пласиравме во полуфинале. И не звучи претенциозно, но мислам дека подоцна немаше да дојде до војна. Кога гледаме што се случува во денешно време низ светот, изгледа дека ништо не се научило од историјата и дека никој не научил од лекцијата на поранешна Југославија. Тоа е доказ дека политичарите сакаат војна, а не народот“, вели Хаџибегиќ за францускиот медиум „20minutes“.
Кариерата му мина во четири клуба: Сараево, Реал Бетис, Сошо и Тулуз, а во Сараево работел заедно со лидерот на босанските Срби, Радован Караџиќ.
„Пред војната беше психолог на ФК Сараево каде ја почнав кариерата. Добро го познавам бидејќи осум години беше со нас. Беше добар човек со кој разговаравме за се. Никогаш ниту помисливме што може да се случи подоцна. Бев изненаден и шокиран. Денеска го мразам. Иако во мојата религија омразата не постои, ова е нешто друго. Не можам да му простам за сите тие кои се убиени“.
Хаџибегиќ ја почна тренерската кариера пред 20 години во Сошо, а сега е тренер на францускиот второлигаш Валесјен.
Инаку селекцијата на Југославија на СП Италија отпатува со: Томислав Ивковиќ, Вујадин Станојковиќ, Предраг Спасиќ, Зоран Вулиќ, Фарук Хаџибегиќ, Давор Јозиќ, Драгољуб Брновиќ, Сафет Сушиќ, Дарко Панчев, Драган Стојковиќ - Пикси, Златко Вујовиќ, Фахрудин Омеровиќ, Среќко Катанец, Ален Бокшиќ, Роберт Просинечки, Рефик Шабанаџовиќ, Роберт Јарни, Мирсад Баљиќ, Дејан Савичевиќ, Давор Шуќер, Андред Панадиќ, Драгоје Лековиќ.
Екипиште.
Промашувањето на Хаџибегиќ
Сите пенали
А го најдовме и цел меч и за да биде поносталгично за југоносталгичарите почнува со химната „Еј словени“, а коментатор е легендата Младен Делиќ.
Ова вреди цело да се гледа