Управата на ЦСКА Софија упати апел до секој навивач на Армејскиот клуб да помогне во решавање на финансиската криза.
„Денес почнуваме со кампањата за собирање средства кои ќе помогнат да ја спасиме лиценцата за натпреварување. Долговите изнесуваат еден милион лева (556.390 евра)“, стои во соопштението на бугарскиот клуб кој 31 пат беше шампион на оваа земја.
ЦСКА одлично ја почна сезоната и на крајот од првиот дел пред паузата замина како лидер во првенството. Сепак во последните четири кола од втората полусезона, Софијанците не победија ниту еднаш, дадоа само еден гол и го загубија приматот од Лудогорец кој сега има три бодови повеќе. ЦСКА во сабота игра токму против Лудогорец во дербито на колото, но не е сигурно дали тој натпревар воопшто ќе се одигра, затоа што неколку првотимци најавиле дека нема да играат доколку не им се исплатат заостанатите плати.
„Се чувствувам добро во ЦСКА, дечките ме прифатија добро. Клубот има амбиции за титулата, но финансиските проблеми го прават своето. Досега не сум играл никаде без 2-3 месеци да не добијам плата. Родителите ми плаќаат кирија за станот во Софија“, изјави последното засилување на ЦСКА, Летонецот Максим Уваренко.
Црвените од Софија два пати во историјата играа во полуфиналето на КЕШ (1967 и 1981) и еднаш во полуфиналето на Купот на Куп победници. Финансиски проблеми во бугарскиот фудбал нема само ЦСКА Софија, туку и нивниот најголем ривал Левски, чија што лиценца исто така виси во воздух. Проблеми има и Локомотив Пловдив, чии играчи одбија да тренираат во последните два дена затоа што не добиле плата со месеци.