Чудната судбина на Мичу и Свонси

Премиерлигашот од Велс пред две години одби понуди од 40 милиони фунти за фудбалерот кој тогаш ги решеташе противничките мрежи, а сега тренира со шпански четвртолигаш.

По солидната и натпросечна сезона во шпанскиот Рајо Ваљекано, напаѓачот Мичу во 2012. година премина во Свонси. Велшаните го платија скромни 2 милиони евра, а Шпанецот набрзо стана апсолутен хит во Премиер лигата.
 
Немаше коло во најдобрата англиска лига, а името на Мичу да не стоеше на семафорите на премиерлигашките стадиони. Во дебитантската сезона постигна неверојатни 22 гола, од кои најголем дел против големите Јунајтед, Челси, Сити, Ливерпул и Арсенал и стана најбараниот фудбалер во Европа. Мичу беше најзаслужен што тимот предводен од Брајан Лаудруп го освои Лига купот.
 
Тобџиите и Црвените од Енфилд го сакаа по секоја цена фудбалерот што почна да се наоѓа и на списокот на шпанската репрезентација. И едните и другите нудеа по 40 милиони евра, но Свонси успеа да се одбрани од силните напади, поради што денес сигурно ја проколнува фудбалската судбина.
 
Како и многу напаѓачи во Премиер лигата, така и Мичу наскоро ја доби непопуларната титула Хит на една сезона. Доживеа повреда на зглобот после која веќе ништо не беше исто. Публиката ниту еднаш повеќе не виде дел од богатиот арсенал на шпицот кој во 2012/2013 важеше за еден од најдобрите европски напаѓачи.
 
Мичу неколку пати се опоравуваше, се повредуваше и Свонси на крајот реши да се отараси од него и да го позајми во Наполи. Повредите со зглобот не го одминаа Мичу ниту во Италија, каде редовно беше на клупата за резерви кај Рафа Бенитез.
 
Како што пишува шпанскиот АС, Мичу во последните два месеци интензивно тренира со шпанскиот четвртлигаш Лангрео, иако се уште го врзува договор со Свонси. Тренер на четвртолигашот бил братот на Мичу, Ернан Перез, а според последните информации 29-годишниот напаѓач наскоро би можел и да заигра за Лангрео.
 
Сепак, премиерлигашот Свонси одлучил да не го пушти Мичу без обештетување и бара одредена сума за него. Прашање е колку Лангрео би можел да парира на таквите барања на Велшаните.
 
23 октомври 2015 - 15:14