
Финале на Лига на Конференции:
БЕТИС - ЧЕЛСИ 1-4 (1-0)
/Абде Езалзули 9' - Енцо Фернандез 65', Никлас Џексон 70', Џејдон Санчо 83, Моизес Каиседо 90+1'/
Предводен од врвниот стратег, искусниот Мануел Пелегрини, Бетис не ја круниса сезоната од соништата во која стигна до своето прво европско финале.
Зелено-белите од Андалузија чиј тандем Иско-Антони беше права романтика сезонава, не успеа да го покори богатиот Челси кој од очајна сезона на крајот успеа да се избори за пласман во Лига на шампиони и да освои пехар во Лига на Конференции.
А сè почна така добро за повеќе од 10.000 навивачи кои ги обоија трибините во зелено-бело. Младиот шпиц Езалзули го отвори резултатот и Бетис до полувреме ја сочува предноста а имаше уште неколку прилики и да го зголеми водството.
Челси на Енцо Мареска се разбуди во вториот дел и изигра неверојатен фудбал. Маестралниот англиски репрезентативец Кол Палмер со две волшебни асистенции им сервираше „на тацна“ голови: прво на Енцо Фернандез, а после на Никлас Џексон. За само пет минути од 65-та до 70-та сините од Западен Лондон направија целосен пресврт.
До крајот разбиената одбрана на Бетис прими уште два гола после брзи контри, стрелаа Џејдон Санчо и Каиседо за конечни 1-4 и нов европски пехар во музејот на Челси. Прв во тренерската кариера на Енцо Мареска.