Кој за кого гласаше вчеравечер во Цирих? За најпрестижната спортска награда која секоја година се доделува за најдобар фудбалер во светот, вообичаено гласот го даваат капитените и селекторите на сите репрезентации членки на ФИФА, како и претставниците на медиумите.
Она што нас најмногу не интересира е вкусот на нашите "гласачи" и нивното мислење за тоа кои фудбалери ја одбележаа 2012 година. Нашиот капитен Горан Пандев победникот го награди со 5 поени, Робин ван Перси со 3 и фудбалерот на Барселона Чави со 1 поен.
Неговото мислење за "нумеро уно" во светот го дели и селекторот Чедомир Јаневски кој исто така му даде 5 поени на Меси, 3 на Икер Касиљас и 1 поен на плејмејкерот на Јувентус Андреа Пирло. Претставниците на нашите медиуми од редакцијата „Вечер" Боро Тимковски и Марио Сотировски имаат сосема различен вкус. Според нив наградата ја заслужил Андрес Иниеста на кого му доделија 5 поени, 3 поени му дале на Кристијано Роналдо и само 1 поен на Меси.
Што се однесува до најголемите ривали на денешницата Меси и Роналдо, капитенот на Португалија немаше право на глас поради тоа што во периодот на гласање беше повреден, а на негово место гласаше Бруно Алвес кој гласал за својот колега Роналдо, потоа за Фалкао и Ван Перси. Меси пак своите гласови ги одредил за двајца свои клупски колеги, Иниеста и Чави, а 1 поен одвоил за Агуеро од Манчестер Сити, довчерашен зет на Марадона.
Инаку на првите пет позиции процентуално топ 5 табелата ја презедоа Меси со 41,60% од гласовите, Роналдо (23,68), Иниеста (10,91), Чави (4,08) и Радамел Фалкао (3,67). Меси минатата година победи уште поубедливо со 47,88% од гласовите, а најмалку гласови освои во 2010 година кога победи со 22,65%.
Со ова признание четврто по ред за Меси што е апсолутен рекорд, се потврди неговата одлично завршена работа во изминатата година која до сега не му успеала на ниту еден друг фудбалер. Аргентинецот постигна 91 гол и го собори рекордот на Герд Милер, стана единствениот играч кој постигнал 14 гола во една сезона во Лигата на Шампионите и влезе во историјата на Барселона како најдобар стрелец на клубот со 289 погодоци.
За одбележување на синоќешната свечена церемонија е и доминацијата на шпанското првенство од каде се избрани сите 11 фудбалери во најдобриот тим за 2012 година. По пет грачи од Реал Мадрид и Барселона и еден фудбалер од Атлетико Мадрид. Со тоа голем пораз претрпе Премиер лигата затоа што освојувач на Лигата на шампионите беше Челси. Не само што ниту еден фудбалер не влезе во топ тимот за изминатата година од лондонскиот тим, туку и Роберто Ди Матео не се најде на листата кандидати за најдобар тренер. Титулата најдобар тренер му припадна на Висенте Дел Боске, поради освојувањето на ЕУРО 2012 со селекцијата на Шпанија.
Фудбалер на годината
Лионел Меси (Аргентина)
ФИФА тим на 2012 година
Икер Касилјас – Рамос, Дани Алвеш, Жерард Пике, Марсело – Чаби Алонсо, Иниеста, Чави Хернандез – Меси, Фалкао, Роналдо
Најдобар тренер
Висенте Дел Боске (Шпанија)
Награда Ференц Пушкаш за најубав гол во 2012
Мирослав Штох (Словачка)
Специјално ФИФА признание
Франц Бекенбауер
Фер плеј награда
Узбекистанска фудбалска федерација
Најдобра фудбалерка
Еби Вембах (САД)