колумна

Чеде фала ти што ни ја врати репрезентацијата

Она што и врапците по рефлекторите на Максимир и Хемпден можеа да видат, а што сум убеден дека Јаневски успеал да го постигне, е дека односот и пристапот кон репрезентативниот дрес е апсолутно променет. Ваков пристап немало од времето кога Дончо Национале ги тераше репрезентативците да љубат икони на Илинденци пред утакмица.

Пишува: Таки Бошкоски

Викаат дека резултатите се памтат а играта не! Ама исто така викаат и дека преку леб не треба да се бара погача. На кратко вака можам да ја опишам играта на македонската фудбалска репрезентација на стартот на квалификацискиот циклус за Светското Првенство во Бразил 2014. Повуци, потегни, факт е дека одамна се немам осеќано така добро додека на терен го гледам најдоброто што нашата земја може да го понуди.

Можевме да се вратиме со четири, доаѓаме со еден, а пред почетокот на циклусот за очекување беше и да бидеме прегазени на двете утакмици. Све у свему, што би рекле нашите северни соседи: како смо се надали, добро смо се удали! Али ајде да направиме мала ретроспектива на ситуацијатата во репрезентација пред почетокот на квалификациите.

Оваа екипа го почиње циклусов откако добри година дена работеше со човек кој не сакаше да доаѓа во Скопје, кој повикуваше репрезентативци кој менаџерскиот оддел (да во нашата репрезентација има и тоа) му ги сервираше и која кулминираше со пораз од селекцијата на здружениот труд на водоинсталтерскиот и конобарскиот еснаф од Луксембург... Утакмица која мојата маленкост ни мање ни више у живо ја проследи. Да не заборавиме дека Јаневски беше назначен едно две недели пред почетокот на циклусот, и пред официјалните утакмици немаше шанса да ја испроба екипата... Така да овој бод од стартните две утакмици и тоа како е голем ко планина.

Она што и врапците по рефлекторите на Максимир и Хемпден можеа да го видат, а што сум убеден дека Јаневски успеал да го постигне, е дека односот и пристапот кон репрезентативниот дрес е апсолутно променет. Може ќе претерам, ама ваков пристап немало од времето кога Дончо Национале ги тераше репрезентативците да љубат икони на Илинденци пред секоја утакмица. Хрватска во прво полувреме а и Шкотска во текот на 90 минути беа апсолутно надиграни. Нашите фудбалери на туѓо буниште покажаа муда какви што се научивме да гледаме само од ракометарите и кошаркарите до сега. Е јеби га, па редно време беше! И дајте немојте да збориме дека немавме среќа. Среќа не ни е потребна... Нека мислат нашите противници дали они ќе имаат среќа кога играат против нас и нашите напаѓачи ќе ги кршат пречките и стативите или ќе ја поправат реализацијата. Нас не ни е цел да идеме у Бразил. На ситуацијата мораме реално да и погледнеме у очи, али затоа и тоа како ќе ми биде ќеиф ако на некого му го оневозможиме патот таму....И како немавме среќа? Не заборавајте дека голот на Новески беше од чист офсајд...Среќа е кога судијата таков превид во твоја корист ќе направи.

Македонија е земја на два милиони селектори, па и после ваква игра не можам да се воздржам а да не изедам по некое.... Против Шкотска мислам дека замените не беа на место, можеби можеше порано средниот ред да се освежи со креативноста на Тасевски наместо со деструктивноста на Величе. Требаше некој играч освен Пандев што ќе знае да створи шанса за гол. И морам да прашам дали само јас сум луд, или на оној Ивановски местото не му е во репрзентација? Дечкото молеше цела сезона да го приберат у некој клуб, и на крај му дозволија да игра за резервниот состават на полски второлигаш...Па дајте...Ги имаме ние Филип Ивановски, Баже Илијоски, Стевица Ристиќ...играчи кои се светлосни години пред него во квалитет. За да играш во репрзентација треба да демонстирираш квалитет, а Ивановски тоа го нема направено.

Стартот на Јаневски е феноменален...И не според резултати, туку според игра. Промената на филозофијата и концепцијата на игра е очигледна. Доказ, дека решенијата можеби прво треба да си ги бараме во сопствениот двор, па после да посегнеме по белосветски парадери. Ова е тек почетокот. Следат уште многу тешки утакмици во оваа група. И други селектори имаа добар старт, ама овие момци покажаа дека треба да се поддржат. А наредни на мегдан ни доаѓаат ни мање ни више дужниците од Загреб. Епа момци време е за наплата на долгови!

П.С. Кога последен пат игравме во Глазгов, бев на лице место и во слаба игра изгубивме 2:0... Пошто у живо ја проследив и бламажата во Луксембург, почнав да мислам дека јас сум и малер на репрезентацијата. Ако случајно имам желба да ја следам, најљубазно ве молам да ме спречите во таа намера!