Цел град го бојкотира дербито во Џенова

Ривалството помеѓу навивачките групи на екипи од ист град секогаш дека е огромно и ризично кога на програмата се игра градско дерби, но овој пат тоа донесе обединување, односно заеднички бојкот за еден од следните мечеви во Серија А.

Најголемиот навивачки шмек за еден дерби натпревар е пред се да се одигра под рефлектори со кореографии на трибините кои треба да крцаат до последно место. Но на градското дерби во Џенова кое ќе се игра следниот викенд тоа нема да се случи.

Навивачките групи на Џенова и Сампдорија заеднички го бојкотираат терминот на одигрување на градското дерби кое е закажано за в недела со почеток од 12:30 часот.

Тие бараат поместување на терминот кој е нетипичен за дерби натпревар и ветуваат дека во спротивно стадионот „Луиџи Ферарис“ познат и како „Мараси“ ќе биде празен и со тоа ќе биде нарушен празникот во градот.

Терминот на натпреварот најверојатно нема да се помести поради договорот за телевизиските права, а таква најава нема ниту од еден од двата клуба.

„Вредноста на еден ваков меч е голема поради атмосферата која се создава. Образложението дека мечот мора да се одигра во 12:30 поради тв правата не го прифаќаме. Ние сме ѕвездите во ова шоу кое за жал на 2 февруари нема да се одржи. Ова е навреда за нас“, стои во соопштението на навивачите на Сампдорија.

Ултрас фановите на двете навивачки групи ги повикаа сите навивачи на протести низ улиците на Џенова за да го изразат незадоволството за фудбалот кој се гледа само низ призмата на бизнисот и каде спортот е во втор план.

Негодување за одлуката дербито да се игра во 12:30 покажаа дури и останатите граѓани, како и дуќанџиите, затоа што во истиот ден во тој термин во близина на стадионот ќе се одржи и традиционален саем со 600 штандови кој вообичаено е масовно посетен и од надвор и кој паралелно со мечот ќе донесат блокирање во градот.

27 јануари 2014 - 18:26