Прв до присутните новинари се обрати Филип Поповски, генерален секретар на ФФМ.
„Пред сè да им се заблагодарам на оперативците од УЕФА, на моите колеги од фудбалската федерација, на Градот Скопје, на Владата на Р.М. и на сите медиуми за вложениот труд овој голем настан да се одржи во нашата земја. Нè очекува голема работа во следниот период“.
Голем интерес предизвикаа гостите, некогашните легендарни фудбалери на Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед, Бутрагењо и Луис Саха. Следуваа прашања и до нив, директно или индиректно повразни со мечот од Супер Купот.
Колку е важно за Реал да го освои третиот Супер Куп на Уефа?
Бутрагењо: „Најпрвин да ви се заблагодарам на вашата покана да присуствуваме овде. Знам дека ќе биде многу тешко за нас, затоа што Манчестер Јунајтед е голем клуб. Среќни сме што ќе ја имаме можноста да играме во Супер Купот. Ја освоивме Ла Лига и Лигата на шампионите и можам да кажам дека имаме квалитетна екипа. Кога играш за Реал Мадрид секој меч е како финале, така што ние сме навикнати на големи очекувања. Откако ја одбранивме титулата во Лигата на шампионите, ќе имаме една цел а тоа е да го освоиме и Супер Купот.“
Се надоврза и Саха:
„Големо задоволство ми е што сум тука во име на Манчестер Јунајтед. Дефинитивно ја уживаме можноста да играме против толку голем противник каков што е Реал Мадрид. Играчите се веќе мотивирани за новата сезона и размислуваме и за Супер Купот“.
Бутрагењо се присети и на времето кога доминираше во Европа со Реал Мадрид како денес Кристијано Роналдо.
„Кога јас играв, имаше само двајца странци во Реал Мадрид, а денес е многу потешко да се игра во тимот кој ги има најдобрите играчи на светот. За среќа се родив во едно друго време и имав можност да играм во така голем клуб“
Изненадување за Бутрагењо беше Кирил Дојчиновски, најгледенарниот македонски фудбалски работник кој му бил тренер на големиот Емилио и кој денес беше присутен на средбата:
„Кога заминав од Реал Мадрид во 1995 отидов во Мексико и таму бев три години. Кирил ми беше тренер и многу ми е мило што го гледам тука. Имам многу убави сеќавања од тоа време, Кирил одлично зборува шпански и добро се разбиравме“, се сети легендарниот Бутрагењо за соработката со најлегендарниот македонски фудбалер и тренер.
Портпаролот на ФФМ, Златко Андоновски соопшти и детали за влезниците:
„Денес е отворен линкот преку официјлната страница на УЕФА и единствено таму може да се аплицира за билети. Процесот на аплицирање ќе трае до 4. јули до 14 часот а добитниците ќе се изберат преку лотарија на 14-ти истиот месец“.
Капацитетот на стадионот за овој натпревар ќе биде 30.500 гледачи. Во слободна онлајн продажба ќе бидат пуштени 23.000 влезници, а останатите 25% ќе бидат распределени за двете екипи, за УЕФА, за националните федерации, за телевизските куќи и комерцијалните спонзори.
Едно лице ќе може да аплицира најмногу за четири билети. Доколку бидат поднесени апликации за повеќе билети отколку што ќе има во продажба (нешто што е многу веројатно), добитниците ќе бидат познати преку лотарија.
Без разлика дали сте аплицирале на 13. јули или на 4. јуни, имате еднакви шанси да добиете билет преку лотаријата, улога ќе игра само вашата среќа.
Цените на билетите се од 15 до 50 евра.
Одреден број на влезници по правило им следуваат на екипите и таа бројка од 7% влегува во тие 25%. Андоновски напомена и дека веќе има аплицирања од Нов Зеланд, од Аргентина, Австралија, Африка, така што сите тие кои аплицирале или ќе аплциираат влегуваат во можноста да добијат карта без разлика од каде аплицираат.
Да аплицирате за влезници можете тука.