
Ивица Јуриќ и спортскиот директор на Торино Давиде Вањати биле снимени како првин влегуваат во бурна расправија а потоа и физички се напаѓаат еден со друг во Ваидринг, Австрија, каде „биковите“ се спремаат за новата сезона во Серија А.
Наводно Вањати му се пуштил на тренерот со зборовите: „Не ми повишувај глас! Не ми повишувај глас, отсекогаш те бранев. Јас ја правам екипата!“ на што Јуриќ му одговорил: „Не правиш ти ништо“.
Меѓу нив голема тепачка спречил тим менаџерот Марко Пелегри кој ги раздвоил. Јуриќ наводно бил незадоволен што спортскиот директор и управата не му донеле ама баш ниедно засилување летово од играчите кои ги побарал.
Четиересетгодишниот Јуриќ во минатото играше и за репрезентацијата на Хрватска, претходно ги водеше Верона, Џенова, Кротоне и Мантова а помошник тренер беше во Палермо и Интер.
Тој постигна одлични резултати со Торино минатата сезона после што клубот му даде нов договор. Но останува да се види како управата ќе реагира на скандалот помеѓу тренерот и спортскиот директор.
#Torino , lite furibonda tra #Juric e il ds #Vagnati pic.twitter.com/1boZ1ejKAN
— calciomercato.com (@cmdotcom) July 27, 2022
Скај спорт пишува дека ситуацијата се смирила подоцна и дека Вањати и Јуриќ си дале рака, ги оладиле страстите и продолжиле со планирање на сезоната. Клубот наводно не планирал никакви санцкии ниту казни.
Самиот Вањати синоќа подоцна вечерта изјавил за Скај спорт:
„Имаше дискусија, не беше убаво за гледање но тоа се работи кои се случуваат кога двајца луѓе се трудат значајно да направат исправни нешта. Мистер (Јуриќ) со право би сакал што поскоро да добие нови играчи, јас и управата правиме се што е можно во една тешка ситуација на пазарот. Ќе му ги донесеме на Јуриќ играчите кои му требаат. На крајот од расправијата се гушнавме и си кажавме што имаме. Прави луѓе сме кои ги кажуваат работите како стојат. И благодарение на овие расправии и тие караници може да се вршат работите на најдобар можен начин. Ќе биде добра појдовна точка“ рекол Вањати и додал дека тренерот со право очекува засилувања.
Торино наводно е заинтересиран за стоперот Џејсон Денајер кој игра за Белгија а беше член на Манчестер Сити, Сандерленд, Лион и Галатасарај, како и за Маџоре од Специја.