Хигор Видал има 24 години и игра како крилен напаѓач за Хапоел Петах Тиква. По 33 одиграни кола, овој тим е на 4. место во израелската Премиер лига со 46 бода.
Бразилецот сезонава на 28 меча има 1 гол и 1 асистенција. Во Израел фудбалот, како и сè друго е стопирано поради воениот судир со Палестина.
Во ситуација кога секојдневно доаѓаат информации за нови напади, жртви и повредени, некои спортски колективи заземаа страна во судирот.
Одамна е познато дека навивачите на шкотски Селтик се жестоки поддржувачи на борбата на Палестина за независност. Тие буквално редовно вадат палестински знамиња и ја критикуваат израелската држава за односот кон Палестинците.
Но има и такви кои поинаку гледаат на работите.
„Ова е мојот стан во Петах Тиква по нападот на Хамас. Ова видео ви покажува какви луѓе се тоа. Се однесуваат како животни, напаѓаат невини луѓе како што сум јас, жена ми и моето дете.
Престанете да зборувате како Израел ја напаѓал Газа, ве молам! Од Газа напаѓаат невини луѓе во Израел. Немојте да им верувате на медиумите кои ви кажуваат дека Израел убива луѓе во Газа зошто тоа не е вистина.
Израел само се брани од терористи. Никој не го заслужува ова“, напишал фудбалерот Хигор Видал на својот Инстаграм профил, а го пренесоа многу медиуми.