Бразил и Шпанија ќе играат во финале

Да се прогнозира уште од сега кои ќе бидат двете најсреќни репрезентации кои ќе истрчаат на 13 јули во Рио е тешко, но веќе се појавија некои истражувања според кои во завршницата ќе гледаме судир меѓу домаќинот и актуелниот светски шампион.

Според светската компанија Infostrada Sports, селекциите на Бразил и Шпанија се појавуваат по пет пати на листата на 10 најпосакувани финалиња на Мундијалот кој стартува вечерва. Второ веројатно финале е јужноамериканскиот дуел помеѓу Бразил и Аргентина.

По него со шанси е репризниот натпревар од полуфиналето од СП 2010 помеѓу Германија и Шпанија. Во десетте финалиња со најголема веројатност нема селекции како Италија и Франција, а репрезентациите од јужноамериканскиот континент се застапени во седум финалиња.

За фаворит број 1 на ова светско се смета домаќинот Бразил, втор е бранителот на титулата, трета е Аргентина, потоа Германија, а во топ пет освојувачи со најголеми шанси влегува и селекцијата на Англија која остана на единствениот златен пехар од 1966 година.

12 јуни 2014 - 09:47