Брандао може да лежи во затвор за ударот врз Мота

Бразилскиот фудбалер од редовите на Бастија кој со глава го удри и му го скрши носот на Тијаго Мота од ПСЖ имал соучесник во нападот.

Истрагата за случајот „Брандао“ која што ја отвори француската полиција заедно со фудбалската федерација на Франција, довела до нови сознанија.

Според тамошните медиуми, резервниот голман на Бастија, Томас Винченсини го насочувал Мота да оди во кој правец накај соблекувалните со тоа што му го наместил Италијанецот со бразилско потекло „на тацна“ на Брандао.

Дека Винченсини бил соучесник, тврделе и редарите кои стоеле во близина на влезот во тунелот, а снимката од камерите забележува како токму голманот го спречува Мота да тргне по Брандао кој избега по ударот со глава. На тој начин, Винчесини повторно направил кривично дело соучество во физички напад.

Солидарноста и фер плејот на играчот за врска на ПСЖ беа доволни тој да не покрене приватна тужба против Брандао, но тоа веќе го сторила полицијата.

Според некои проценки, на корпулентниот напаѓач му се заканува две годишна казна затвор и оштета од 45 илјади евра која треба да му ја плати на Тијаго Мота.

Поранешниот играч на Марсеј и Сент Етијен на 18. септември ќе треба да ја произнесе одбраната, а откако Мота остана нем на неговите извинувања на социјалните мрежи, Бразилецот веднаш кукавички ги избриша.

27 август 2014 - 16:32