Босна најмалку интересна за навивачите

Повеќе од две третини од влезниците за Светското првенство во Бразил ги снема за помалку од три часа откако ФИФА вчера ја започна новата тура за продажба на карти.

Влезниците за натпреварите на Бразил се продадоа за околу еден час, а отидоа и оние за четврт-финалните натпревари и за скоро сите натпревари од втората фаза.

По осум часа продажба, останаа влезници за 15 натпревари на кои ќе играат помалку атрактивни репрезентации.

За продажба не беа понудени само карти за четири натпревари кои се најбарани: отворањето во Сао Паоло, финалето на Маракана, како и двете полу-финалиња.

Во оваа фаза за продажба беа понудени 345.000 карти, а најмногу барања пристигнале од Бразил (143.085), САД (16.059), Австралија (5.357) и Колумбија (3.800).

За натпреварите од Светското првенство во Бразил има вкупно 3,3 милиони влезници, но 2,3 милиони им се поделени на националните федерации.

Веќе нема влезници за натпреварите на Англија, Германија и САД, а најмалку се бараат за оние на кои игра Босна и Херцеговина. Најмногу непродадени карти има за натпреварите Нигерија - БиХ, Грција - Брегот на Слоновата Коска, Русија - Јужна Кореја и БиХ - Иран.

Последната фаза од продажбата ќе започне на 15 април.

13 март 2014 - 09:12