Бошко Ѓуровски: Победуваме со 60% посед на топка

Ако утре вечер имаме повеќе од 12 удари на голот и повеќе од 10 центаршутеви, ќе триумфираме, изјави селекторот Ѓуровски пред натпреварот со Луксембург.

Селекторот Ѓуровски делуваше задоволен што конечно ќе може да смета на фудбалерот на Динамо Загреб, Аријан Адеми кој конечно се одлучи за која репрезентација ќе настапува. Дефанзивниот играч за врска досега настапуваше за хрватската репрезентација до 17, 19 и 21 година, а има и 3 три пријателски средби за сениорскиот состав на „коцкестите“.
„Се гледа дека е искусен играч, иако има само 24 години. Во дресот на Динамо Загреб има многу натпревари во Лигата на шампионите, Лигата на Европа и хрватското првенство. Станува збор за стамен играч, со карактер и утре сигурно ќе стартува во првиот состав“, одговори Ѓуровски на прашањето за Аријан Адеми.
Во однос на формацијата за утрешната средба, селекторот изјави дека поставката 4-3-2-1 му е прв избор. Во таа формација, нашиот состав играше и против Шпанија во Валенсија.
„Не е важно кој ќе го почне туку кој ќе го заврши натпреварот. Сакам да направам баланс меѓу играчите, имам уште две дилеми, кои ќе ги решам по вечешарниот, последен тренинг пред натпреварот“, вели Ѓуровски.

Во текот на прес конференцијата, селекторот зборуваше и за статистичките податоци кои ги проучил во последните неколку дена.
„Ако против Шпанија имавме 9 удари на гол, утре вечер сакам да имаме повеќе од 12. Во денешниот фудбал нема лесни натпревари и ако сакаме да ги освоиме сите три бода, ќе треба да имаме посед на топката од 60%, да имаме од 7 до 10 корнери и секој страничен бек да има преку 10 центаршути“, ја знае формулата за победа селекторот Бошко Ѓуровски.
Свое видување за утрешниот квалификациски дуел имаше и фудбалерот на белгиски Зулте Варегем, Александар Трајковски, кој би требало да почне во првите 11.
„Мислам дека нè очекува натпревар со една солидна екипа. Само со машка игра може да покажеме дека имаме квалитети. Мора да бидеме фокусирани и сконцентрирани во текот на целиот натпревар. Со добар резултат уште повеќе ќе ја зголемиме добрата атмосфера пред гостувањето во Украина“, констатираше напаѓачот кој на 18 настапи во националниот дрес постигна 4 гола.
Натпреварот Македонија - Луксембург се игра в четврток, со почеток од 20:45 часот на „Филип Втори арената“. Во нашата група, утре вечер играат уште и Белорусија - Украина и Словачка - Шпанија.