Македонската фудбалска селекција со истите 11 играчи кои играа во Рејкјавик со Исланд (2:2), тргна вечерва во Скопје на мегдан против 45-та репрезентација на ФИФА ранг листата од која изгубивме во Букурешт претходно со 3:2.
Стартуваа Димитриевски, Ристовски, Велковски, Муслиу, Алиоски, Спирковски, Барди, Елмас, Костадинов, Ристовски, Чурлинов.
По ремито со Ерменија дома и со Исланд на гости, селекторот Благоја Милевски одново им укажа доверба на фудбалерите кои го изнесоа најголемиот товар во претходните 180 минути фудбал.
Почнавме офанзивно, формациски високо поставени и тоа донесе посед на топка и контрола врз состојбата на терен. Првите прилики ги имавме во почетните десет минути кога најчесто комбинираа Елмас, Чурлинов, Барди и Милан Ристовски, но гостинскиот голман Ница бранеше сигурно.
Романците, кои нè добија на првиот меч во Букурешт со гол во самиот финиш (3:2), вечерва се решија да го чуваат својот гол, а секој обид да изградат акција им го спречуваше нашиот висок пресинг.
Брзите продори на нашите офанзивци предводени од Барди и Елиф Елмас донесоа неколку можности, но најчесто завршуваа со шут надвор од шеснаесетникот. Така се играше до крајот на првиот дел, Македонија со многу поголем посед и шанси, но без реализација.
Во вторите 45 минути гледавме иста слика, момците во црвено јуришаа на противничкиот гол, но бедемот на романската селекција составен од пет фудбалери, тешко се пробиваше.
Во 64' минута селекторот Милевски ги внесе во игра Кире Ристевски место Велковски и Адис Јаховиќ наместо индиспонираниот Милан Ристовски кој освен неколку освоени воздушни дуели, не донесе убоитост во шпицот.
Во последните две минути влегоа и Бобан Николов и Александар Трајковски, но мечот западна во побавен ритам, темпото на игра се стиши, а гостите очигледно дојдоа на бод без намера за надигрување.
На крајот конечни 0-0 и трето реми за Македонија во квалификациската група Ј. Вечерва Германија убедливо со 0-4 се прошета на Исланд и има 15 освоени бода. Ерменија сензационално одигра нерешено против тоталниот аутсајдер Лихтенштајн (1-1). Ерменците се втори со 11 бода, Романија е трета со 10, а Македонија четврта со 9.
Во следните два меча играме против Лихтенштајн на гости (8.10) и против Германија во Скопје (11.10).