Динамо Загреб го растури Карабах од Азербејџан со 3:0 и со една нога е во групната фаза од Лигата на шампионите.
Резултатот го отвори Марко Пјаца во 29 минута, а Сандро Кулениќ во вториот дел постигна уште два комада и тоа во рок од 5 минути.
Стефан Ристовски одигра само 20 минути, а потоа го напушти теренот поради повреда.
Динамо Загреб уште еднаш потврди дека е гигант на Балканот кој редовно учествува во европските купови.
Ако не ги прокоцкаат овие 3:0 на реваншот, клубот ќе заработи 18,6 милиони евра од УЕФА, само од пласманот.
Клупскиот пласман, десетгодишниот коефициент и учеството од маркетингот на Динамо би му донеле додатни 10 милиони евра.
Потоа се разбира, секој натпревар носи додатни пари кои варираат во зависност од резултатот.
За нерешено се заработува 700.000 евра, а секој триумф се вреднува со 2,1 милиони евра.
Пласман во топ 16 носи 11 милиони евра, во четвртфинале 12,5, во полуфинале 15, а во финале 18,5 милиони евра. Шампионот добива дополнителни 6,5 милиони.
Инаку на другите две плејоф средби Бодо Глимт ја совлада Црвена Ѕвезда со 2:1, а Лил ја доби Славија Прага со 2:0.