Блескаво деби на чудото од дете, Реал Мадрид се врати дома после 560 дена

Во супер меч во кој навивачите видоа дури седум гола, Реал Мадрид ја совлада Селта Виго со 5:2 после два пресврти и со триумф го одбележа враќањето во својот дом после дури 560 дена.

Последен пат Реал Мадрид играше на „Сантијаго Бернабеу“ на 1 март 2020 година кога „кралевите“ ја добија Барселона во Ел класико со 2:0 со головите на Винисиус и Мариано Дијаз. Потоа поради тотална реконструкција на стадионот, Реал играше на помалото стадионче „Алфредо Ди Стефано“ каде обично играат младинците.

Пред мечот Реал - Селта во неделата, домаќините посветија пригодна и скромна церемонија во чест на некогашниот легендарен претседател на клубот, Лоренцо Санс кој беше прв човек на Реал Мадрид од 1995 до 2000-та а почина во март 2020 поради компликации од глобалниот вирус.

СЕЛТА ТВРД ОРЕВ НА ВРАЌАЊЕТО

Околу 30.000 навивачи на Реал Мадрид се вратија на својот омилен стадион „Сантијаго Бернабеу“ кој беше затворен од март 2020-та.

Во телевизискиот пренос се забележуваше дека долните прстени на стадионот целосно се прекриени со церада но тоа не влијаеше на поддршката зошто фудбалерите после цели 560 дена конечно ги дочекаа илјадници навивачи на горните спратови.

Селта поведе преку Санти Мина, но Реал израмни преку Карим Бензема кој комплетира хет-трик до крајот од мечот. Гостите одново поведоа преку Франко Серви за домаќинот да ги презеде работите во свои раце па до крај да им ја наполни мрежата на фудбалерите од Виго - 5:2.

Навивачите најмногу се израдуваа на голот на новото засилување, 18-годишниот Едуардо Камавинга кој дојде од француски Рен за 31 милион евра и кој имаше блескаво деби со гол.

Младиот Французин само што влезе во игра во 66’ минута место Еден Азар, во 72’ минута даде гол:

ШТО СЕ РЕКОНСТРУРИРА НА СТАДИОНОТ?

„Сантијаго Бернабеу“ ќе се реновира до 2023 година, но Реал Мадрид веќе може да се врати дома и да игра на сите фронтови. На мечот со Селта Виго управата на клубот дозволила влез за 30.000 гледачи.

Клубот се потрудил да створи максимално комфорни услови на стадионот: најсовремени соблекувални за фудбалерите, усовршен звучен систем (разглас) за навивачите и нова прес-ложа за новинарите.

На стадионот синоќа имало 200 редари за безбедност, а за секој случај е објавено дека сите излези и влезови на стадионот се отворени во случај на опасност и дека стабилно функционираат сите приоди. Marca пишува дека на објектот секојдневно рабтеле околу 800 луѓе, а El Pais пренесе дека имало околу 1.000 работници. Целата реконструкција го опфаќала фудбалскиот терен, внатрешните тунели и петспратната гаража. Има и постојка за автобуси но таа уште не е спремна за користење. Реал Мадрид се гордее што цело време за сериозната реконструкција, немало ни најмал проблем.

Во овие 560 дена колку што Реал Мадрид беше надвор од својот дом, се случија многу работи: падна најобилниот снег во Шпанија во ХХI век, а тешките времиња со коронавирусот стадионот служеше како најголема санитарна точка во цел Мадрид.

Управата на Реал се спремала за враќање - на 10 дена пред мечот со Селта Виго, биле засадени 500 нови бусени трева кои посебно ги одгледувале од април месец и се испорачани на стадионот во ладилници.

КОЛКУ ЌЕ ГО ЧИНИ КЛУБОТ ЦЕЛАТА РЕКОНСТРУКЦИЈА?

Во април 2019-та година Реал Мадрид се договорил за кредит со банката JP Morgan (да, тоа е таа банка што беше спремна да ја поддржи идејата за Суперлига) и Bank of America.

Подигнат е кредит од 575 милиои евра. Годишно Реал Мадрид ќе треба да враќа по 29,5 милиони евра - враќањето на кредитот ќе започне во јули 2023 а треба да заврши во 2049-та.

Првичната сума потребна за реконструкција изнесувала 796,5 милиони евра, но во јуни 2020-та Реал побарал нов заем после кој сумата достасала над 900 милиони евра. 

ЗОШТО БИЛО ПОТРЕБНО СЕВО ОВА?

Реал Мадрид детално ги проучил сите потенцијални приходи од обновен стадион, па претпоставките се дека освежениот „Сантијаго Бернабеу“ ќе принесува околу 150 милиони евра годишно.

Извор на приходи нема да бидат само натпреварите и се околу нив. Реал Мадрид сака да заработи и од киберспортови, од мрежа на ресторани, од нов фан-шоп, од обновен музеј, од развиен онлајн фан шоп. Реконструкцијата ќе дава повеќе можности за ова.

Реал сака да го користи стадионот дури 300 дена во годината, вклучувајќи концерти, бизнис конференции, турнири во киберспортови, па дури и за кошаркарски и тениски натпревари).

Една од најголемите придобивки од повеќефунцкионален стадион ќе биде движечкиот терен кој лесно ќе може да се тргнува и враќа после натпреварите. Поради оваа технолофија лесно ќе може да се прешалтаат на нефудбалски настани.

13 септември 2021 - 09:38