Блатер се плаши од апсење, нема да оди на женското финале

За прв пат откако во 1998. година стана претседател на ФИФА, Сеп Блатер нема да присуствува на едно финале и одби да патува во Канада на женскиот Мундијал.

Иако 79-годишниот Блатер минатиот месец изјави дека планира да дојде на финалето на женскиот Мундијал во Канада, сепак денес неговиот адвокат изјави дека место неговиот клиент, во Канада пехарот ќе го врачи потпретседателот на ФИФА, Иса Хајату.
„Блатер ги информираше организаторите дека од лични причини нема да присуствува на големото финале“, изјави Ричард Кулен.
Американските медиуми пишуваат дека лажгото Блатер овој пат барем не излажал, ниту пак се криел зад вообичаените фрази, затоа што нема поголеми лични причини од стравот од американскиот истражен затвор.
 
Во случај да допатува во Канада, оваа земја би можела да го испорача Блатер во САД, кои ја водат истрагата за случајот со корупција во Светската фудбалска федерација. Њујорк Тајмс во јуни пишуваше дека американските судии се надеваат дека некои од високо позиционираните раководители на ФИФА кои беа уапсени ќе сведочат против нивниот поранешен шеф Блатер.
 
На Светското првенство за жени се игра завршницата во која САД во финалето го чекаат подобриот од дуелот Јапонија - Англија кој се игра денес. Финалето е закажано за 5. јули.
1 јули 2015 - 14:33