Вчера Пјер-Емерик Обамејанг даде гол во дербито против омразениот Шалке и одново го прослави со маска на главата. Обично после секоја ваква прослава, а ги имаше со маска на Бетмен, Спајдермен и уште некои јунаци, Габонецот даваше изјава дека така сака да ги забавува луѓето:
„Ние фудбалерите сме како рок-ѕвезди, им помагаме на луѓето да ја разбијат животната рутина. Затоа јас после головите правам салта, носам светло розеви копачки, ставам маски од разни херои“.
Аналогно на најдобриот играч на Дортмунд еднаш и Јирген Клоп имаше симпатична изјава: „Наша задача е да работиме така што народот во 90 минути ќе заборави на сите свои проблеми“.
За најголемото Рурско дерби против Шалке, Обамејанг не спремил маска на Бетмен ниту на Спајдермен, туку нова необична маска и никој не знаеше што означува.
Проблем настанал кога се дознало дека маската не била од некој суперхерој - туку Обамејанг ги рекламирал своите фирмирани копачки Nike Hypervenom Phantom «Strike Night». Маската му ја направиле од истиот материјал и бои како и новите копачки на Најк.
Вечерта најголемата американска компанија за спортска опрема ја лансираше рекламата во која главна улога игра Обамејанг со маската. Пред две недели Габонецот потпишал договор со Најк до крајот на кариерата вреден 2 милиони евра годишно.
Рекламата за Најк за која Пума кренала џева:
Каде лежи проблемот? Спонзор на Борусија Дортмунд е Puma, а генералниот директор на клубот Ханс Јоаким-Вацке синоќа изјавил: „Ако тоа било за реклама, ќе зборуваме со Обамејанг и тој може да има непријатности. Не може Најк на овој начин да ги реализира своите екомонски интереси. Наш партнер е Пума и ова само ќе ја засили нашата соработка.“
На крајот Вацке додал дека Габонецот ќе мора да плати казна од 50.000 евра, а ова ќе биде втора казна за Обамејанг за само три недели затоа што еднаш го казнија поради новата фризура со логото Најк..