Шурле е пример за атипичен фудбалер кој реши да се повлече на само 29 години. Ибра на пример игра на 41.
Кога на 17 јули 2020-та го соопшти своето повлекување изјави дека не сака повеќе да се соочува со осаменост и бескрајна конкуренција својствена за врвниот фудбал.
Една деценија фудбал навидум изгледа малку, ама па и кога ќе му се погледнат бројките и не е баш малку. 373 меча, 86 гола за клуб и 57 меча, 22 гола за репрезентација.
За 11 години заигра во седум клубови: Мајнц, Баер Л, Челси, Волфсбург, Борусија Дортмунд, Фулам и Спартак Москва.
Освои 4 клупски трофеи меѓу кои и титула во Премиер лигата со Челси сезоната 2014/2015, а сигурно највредниот трофеј му е светската титула со Германија 2014.
Постигна три гола од кои два во полуфиналето против Бразил кој го понижија со 7:1 и беше асистент во финалето, кога Марио Геце ја реши Аргентина во 113-та минута.
Она што го прави сега тој веројатно им звучи најпознато на планинарите. Новиот правец и предизвик во неговиот живот се вика методот Вим Хоф, кој се смета за еден од најтешките предизвици за издржливост во светот.
Се работи за холандскиот „Леден човек“, кој е светски познат по своите техники на дишење и способноста да им се спротивстави на екстремните температури.
Шурле зимово се искачил на планината Сњешка, највисоката точка во Чешка на 1.603 метри надморска височина, ама гол на -19 степени.
„Најтешката ментална и физичка работа што сум ја направил. Последните минути не можев да почувствувам ништо и морав да најдам нешто многу длабоко во мене за да продолжам. Искуство кое никогаш нема да го заборавам. -19 степени, ветер од 100 км на час во нашите лица, обилен снег и дожд. Она што го научив, јас и моето тело сме посилни отколку што мислев, ако ги вложам умот и душата во тоа, можам да направам сè“, вели Шурле.
На својот Инстаграм профил каде го следат 4,6 милиони луѓе, Шурле објави видео и фотографии од големиот подвиг. На него има капа, шорцеви, ранец и кондури со ланци.