Со хет-трикот на Емануел Боатенг и двата гола на Енис Барди, Леванте синоќа во спектакуларен натпревар и го нанесе најтешкиот пораз сезонава на Барселона со резултат 5:4.
За плејмејкерот на македонската репрезентација тие два гола имаат уште поголема тежина затоа што заедно со Боатенг се единствените двајца играчи кои успеаа да станат двојни стрелци оваа сезона против шампионот на Шпанија.
Барди за само една сезона во шпанските медиуми го доби епитетот „специјалист за слободни удари“ и заедно со Меси пред мечот беа најавувани како најдобри изведувачи. Само аргентинскиот ас со 6 гола од слободен удар е подобар од Барди од прекин кој има 5, а овие двајца играчи се наоѓаат заедно во уште еден статистички показател.
Единствениот играч кој сезонава има повеќе голови од Барди постигнати надвор од шеснаесетник е Меси.
Enid Bardhi (22) has scored six LaLiga goals from outside this box this season.
— Scouted Football (@ScoutedFtbl) May 13, 2018
Lionel Messi • 8 • is the *only* player with more.
Bardhi loves bangers, pass it on. pic.twitter.com/q8jC10Svho
Со вкупно 9 погодоци Барди сезонава е рамо до рамо до еден Паулињо, а подобар стрелец е од играчишта како Иско 7, Кутињо 7, Асенсио 6, Бензема 5, Крос 5, Коке 4, што воопшто не е мала работа.
Голеадата на Сиутат де Валенсија нема да се памети само по самиот резултат, туку и по тоа што на Барселона и прекинаа серија од дури 43 натпревари без пораз во домашното првенство.
Барса последен пат загуби во Ла Лига минатата сезона од Малага, а поради Барди и дружината сезонава не успеа да стане само третата екипа во историјата со шампионска титула без пораз.
Но тоа е кога налетаа на тим кој под водство на новиот тренер Пако Лопез од 4 март од зоната за испаѓање влегоа во извонредна серија од 8 победи, 2 нерешени и само еден пораз од Атлетико Мадрид.
Неговиот претходник освои 20 бода на 26 средби, а Лопез за неполни два и пол месеци освои 26 бода на 11 натпревари.