За него велат дека не игра, но постигнува голови. Не се експонира во јавноста, но работи доста умешно во позадина, гледајќи го фудбалот од малку поинаква страна. Од онаа филозофската преку книга. Зад ова се крие 53 годишниот Италијанец Џани Вио, по професија банкар со доста интересно хоби кое донесе новитети во фудбалот.
Специјалноста на Вио се головите од прекин, или поточно од корнер и од слободен удар. Големиот број на разбработени шеми кои се комплексни и за кои Вио тврди дека постојат 4380, можете да ги прочитате во книгата „Плус 30 проценти" која оди заедно со ЦД-ром со сите детални графички прикази и објаснувања. Книгата Вио ја напишал со помош на психологот Алесандро Тетаманца.
Прво звучно име кое поверува во "магионичарот" е поранешниот голман на Италија, Валтер Ѕенга додека седеше на клупата на Црвена Ѕвезда. Откако ја прочита книгата и го погледна ЦД – то на Вио, Ѕенга почна да соработува со неговиот сограѓанин откако премина Катанија. Резултатите веднаш излегоа на виделина.
Стратегот на Катанија се обиде да го држи во тајност новиот колега, но головите го открија, особено оној против Торино од слободен удар од околу 25 метри кој привлече големо внимание.
Кога спортската јавност откри дека сето ова е можно и во пракса, на Џани Вио му го дадоа прекарот „Ил Магето". Раководството на клубот кое му ги оствари желбите на Ѕенга да му донесат соработник по мерка, сфати дека околу 40 до 50 проценти од головите паѓаат од прекин. Ако успеете да извлечете максимум од прекин, тоа е како да имате уште еден напаѓач во тимот, објасни Вио кој впрочем објави уште една книга која ја нарече „Мртви топки, напаѓач за 15 голови".
Иако Ѕенга премина во Палермо, уште еден клуб од Сицилија инаку голем локален ривал на Катанија, тој продолжи да соработува со Вио, но од далечина. Некои луѓе се уште не веруваа во неговите методи на работа и ги нарекоа илузионистички. Според Вио тоа е всушност организирана конфузија, која има за цел да го декоцентрира противникот.
Покрај искуствата со Катанија, Палермо и Динамо Букурешт, Џани Вио има соработувано и во Триестина и Лугано (Италија) Свонси (Англија) и Ал Наср (Саудиска Арабија). По минатогодишната соработка во Катанија овој пат со младиот стратег Винченцо Монтела, заедно со него од оваа сезона е дел од стручниот штаб на Фиорентина, а доказ за неговата успешна работа се 13 голови на „Виолетовите" постигнани од слободни удари или корнери.
Големата критичка маса на чизмата е позната по скептицизмот кој владее спрема луѓето кои се занимаваат со фудбал, а зад себе имаат друга професија. Таков беше случајот и со Ариго Саки кој го водеше Милан без никакво тренерско искуство, а претходно беше продавач на чевли. Сега во Серија А, банкарот донесе нови изуми кои се многу покреативни и поинтересни отколку неговата работа на шалтер. Италијанската спортска јавност сега нема причина да не му верува.