Големите главоболки за Саутемптон почнаа во април 2009 година кога клубот прогласи стечај и испадна од Чемпионшип. Тоа беше прв пат по 50 години да стане третолигаш каде почна да се натпреварува со минус 10 бода.
Од пропастот се понудиле да го спасат неколку анонимни англиски бизнисмени, но договорот паднал со извесен Маркус Либер, бизнисмен од Швајцарија со богато наследство од татко му и со потекло од Германија.
Сумата за која успеал да го купи клубот се движи меѓу 13 и 15 милиони фунти, но по само една година водење починал. Тоа не влијаело врз Саутемптон, бидејќи Маркус претходно ги поставил темелите и покажал како треба да се работи.
На клупата го поставил Алан Пердју, а на неговата фотеља седнала ќерка му Катерина Либер. Најважниот потег му било назчачување на Никола Кортезе за извршен директор на клубот. Швајцарскиот банкар ги добил и најважните задачи во клубот со кои и знае најдобро да раководи, а тоа се финансиите.
По смртта на Маркус тоа било практично и почеток на крајот на љубовта меѓу Катарина и Кортезе. Таа сакала да го продаде клубот, а тој се противел и истовремено одбил работа во Фиорентина и Милан.
„Саутемптон е мое бебе, нема да го напуштам“, изјавил Кортезе
Но по четири години недоразбирања со газдарицата, тој во јануари 2014 година морал да крене рачна. Кортезе го водел тимот на начин да стигне и до Лига на шамппиони, но Катарина не гледала толку далеку.
Четири годишната работа на Швајцарецот се гледа во бројки. Саутемтпон стана машина за пари и заклучно со 30 јуни 2014-та заврши со профит од 33,4 милиони фунти или 46 милиони евра. Тоа е прв пат после стечајот во 2009 година да биде во плус, а само година дена претходно во касата била во минус од 7 милиони фунти.
Клубот и натаму е во долгови и се проценува дека тие изнесуваат околу 50 милиони фунти, но тоа не би требало да претставува опасност, бидејќи во тој финансиски извештај не се пресметани продажбите на Адам Лалана (31 милиони евра), Дејан Ловрен (25,3 милиони) и Рики Ламберт (5,5 милиони) во Ливерпул, Лука Шо (37,5 милиони) во Манчестер Јунајтед и Калум Чејберс (20 милиони) во Арсенал.
Саутемптон од овие играчи вкупно собра неполни 120 милиони евра, а на засилувања потроши 87 милиони евра. Домаќинското работење од трансферите им донело ќар од 33 милиони евра.
„Клубовите трошат пари кои ги немаат и ги трошат сите пари кои нема да ги заработат ниту за две години. И потоа велат: „Да, но ќе имаме резултати кои ќе ни донесат кеш да го покриеме минусот“. Тоа е неодржлив принцип на работа. Во убавите времиња треба да штедиш за лошите“, изјави Кортезе.
Лекцијата која швајцарскиот банкар ја одржал на стадионот „Сент Мери“ не е само чиста економија. Клубот котира на шесто место во Премиер лига и има само бод помалку од петтопласираниот Ливерпул.