Во генерација со Серхио Агуеро, Мауро Зарате, Анхел ди Марија и Пабло Пјати, Банега во 2007. година го освои светскиот Куп за играчи до 20 години, а следната 2008. година се закити со Олимписко злато.
Како играч кој никогаш во целост не го покажал својот талент, Банега се калеше во младинскиот погон на Бока Јуниорс, од каде по една сезона замина во Европа.
Валенсија во 2008. за Аргентинецот одвои 18 милиони евра, а подоцна наизменично играше на Местаља и Атлетико Мадрид. Ова лето му заврши позајмицата во Њуелс Олд Бојс.
Одлуката на селекторот Сабеља да го шкртне „Црниот“ од списокот патници во Рио ја изненади аргентинската јавност, затоа што токму таков профил на играч им недостигаше на Гаучосите во Бразил.
Откако немаше можност да се најде во весниците како учесник на Мундијалот, Банега влезе во градските хроники како се дружел со нарко банди.
Во една репортажа од емисијата „Минуто Уно“ на аргентинскиот тв канал Ц5Н се гледа како Банега игра фудбал на земјен терен заедно со помлади момци.
Нема ништо чудно во тоа, но има во фактот што теренот се наоѓал во населба каде доминира „Лос Монос“, најголемата нарко – банда во Аргентина.
На еден од ѕидовите крај теренот се гледа графит на лидерот на картелот Пајаро Кантеро, убиен во 2013. година.
Во прилогот се зборува уште и за извесен Лапиана, човек задолжен за „фудбалски прашања“ на Лос Монос картелот. Наводно, претходните договори на Банега, како и на многу други фудбалери од „Сребрената земја“ служат како средство за перење валкани пари.
Картелот ги менаџира играчите со тоа што по откривањето на нивниот талент, им овозможува пристоен живот на фудбалерите кои доаѓаат претежно од сиромашните квартови. За возврат, младите играчи потпишуваат договори со сомнителните агенти кои подоцна заработуваат огромни суми од нивните трансфери.
Токму преселбата на Банега од Бока во Валенсија се смета за најголем ќар на „Лос Монос“.
По освојувањето на СП за млади и трансферот во Валенсија излезе видео клип на кој Банега мастурбира на веб камера, а позната е и неговата апсурдна повреда, кога пред 2 години на бензинска пумпа не ја кренал рачната на својот автомобил кој му преминал преку нозете додека точел бензин.
Банега има договор со Валенсија до 2016 година, но новиот тренер на „љиљаците“ не сака да го задржи Аргентинецот, кој бара спогодбено решение за раскинување на договорот. За сега Милан и Севиља се заинтересирани за него.