Балотели се извади на искреност

Фудбалската асоцијација на Англија не му прости за објавувањето на сликата од Супер Марио, но го казни со само еден натпревар.

ФА одлучи да ја ублажи казната на Марио Балотели со образложение дека неговото објаснување за навредливата слика која ја објавил на социјалните мрежи било целосно искрено.

Амина Греам од ФА ја информираше дисциплинската комисија дека за таков вид на навреда би било нормално Балотели да добие суспензија од два или три меча, но тие ја задржаа паричната казна од 25.000 фунти, задолжителното присуство на курс за образование, но се одлучија за казна од само еден меч.

„Балотели длабоко жали за објавувањето на сликата и ја отстрани  најбрзо што можеше откако таа предизвика внимание и навреди. Тој рече дека е шокиран кога сфатил дека сликата е толку навредлива и дека и тој самиот страдал од расизам во голем број на прилики. Балотели додаде дека има наследство од Гана и дека неговата баба била Евреинка која избегала од нацистите“, стои во соопштението на комисијата.

Фудбалерот на Ливерпул постираше слика од Супер Марио со расистички и анти-семитски јазик, а англиските таблоиди го прогласија за „Крал на Твитер“ за 2014 година.

24 декември 2014 - 14:31