По неговите две први фудбалски искуства со Ден Хаг и Твенте, холандското крило во 2009 година замина во Хамбург како голема надеж за германскиот фудбал. Но по две години го напушти клубот под контроверзни околности.
Прво се жалеше дека не му одговарал стилот на игра, а потоа дека клубот не се грижел за него откако направил операција на ногата. Хамбург го казни за тоа, а Елија полета за Италија и го облече дресот на Јувентус.
По новата разочарувачка сезона и четирите настапи во Серија А, направи кам бек во Бундес лигата и потпиша за Вердер Бремен. Елија беше најавен како засилување кое ќе го врати клубот на европските натпреварувања.
Ништо од тоа не се случи. Клубот две и пол сезони котира во зоната за испаѓање, а нивниот нов надежен играч почна да си го покажува карактерот.
Во април 2013 година полицијата го сопре во три часот по полноќ и го казни за брзо возење, а потоа испадна дека бил заедно со клупскиот колега Марко Арнаутовиќ и дека и двајцата биле агресивни и го пцуеле полицаецот.
За казна и двајцата тренираа сами цела сезона, а потоа Арнаутовиќ беше продаден во Стоук, а Елија остана и малку го подобри односот.
Но тоа траеше само еден месец. 27 годишниот холанѓанец им влезе офанзивно и на официјалните мрежи. Најпрво пред дербито против Хамбург напиша статус „Спремен за војна“, фраза која не поминува добро во Германија, а потоа на фејсбук отера по ѓаволите навивач.
Паралелно со глупоштините, Елија не импресионираше ниту со игрите и за 66 меча во Бремен постигна само четири голови. Новиот тренер Виктор Скрипник за него изјави дека е арогантен и дека мора да сфати дека неговата работа не е да ги закача колегите.
„Тој е добар играч, но немаше добри настапи за нашиот тим. Кога имате фудбалер со ваков договор кој не е ниту во тимот, тогаш треба да размислите за продавање“, изјави директорот на Вердер.
“Среќникот“ од идниот месец ќе биде тренерот на Саутемтпон Роналд Куман кој ќе има многу работа со палавкото кое по многу параметри наликува на Балотели.