Со просечна висина од 185,7 сантиметри, новиот светски шампион ги има највисоките играчи на турнирот, а во своите редови го има и највисокиот фудбалер на првенството Пер Мертезакер со 198 сантиметри. Веднаш зад Германија, по висина следуваат Босна со 184,9 сантиметри, Белгија со 184,7 сантиметри, Хрватска 184,5 и Грција со 184 сантиметри.
Очекувано, покрај висината, балканските селекции (Хрватска и Босна) ги краси и тежината според која се при самиот врв на СП. Германија и овде доминира со 79,8 килограми просечна тежина, по неа е Босна со 79,1 кг просечна тежина за која најмногу придонесува резервниот голман Јасмин Фејзиќ со 95 кг. Најтежок фудбалер на првенството е Белгиецот Даниел Ван Бујтен со 96 кг.
Аргентина на овој Мундијал беше највозрасна: Кампањаро (34 години), Демикелис (33), Родригез (33), Паласио (33), Орион (32), а просекот им изнесуваше 28,5 години. Ветерани во своите редови имаа и Португалците со просек од 28,2 години, а зад нив е Уругвај со 28,1 години во просек.
Колумбиецот Фарид Мондрагон го постави рекордот на најстар фудбалер кој некогаш истрчал на мундијалски тревник. Тој како резервен голман на Колумбија на 43 години влезе во игра во финишот од дуелот со Јапонија (4-1).
Најмлади состави имаа Африканците, при што листата ја предводат Гана и Нигерија со просечна возраст од 24,9, односно 25,1 години. Со младите ведети Јанузај (18), Ориги (19), Де Брујне (22) и Куртоа (22), Белгија беше трета најмлада селекција на првенството.
Хамес Родригес е најдобар стрелец со 6 постигнати гола. Зад него се Милер со 5, Нејмар, Меси и Ван Перси со 4, а Шаќири, Робен, Бензема, Ширле и Валенсија постигнаа по 3. Најдобрите стрелци вообичаено поголем дел од своите погодоци ги постигнаа од 16 метри а многу ретко погодија и надвор од шеснаесетникот.
Непријатно изненади Игуаин со само 1 постигнат погодок, колку што дадоа и Торес, Виља, Фред, Мата и Кержаков, играчи од кои се очекуваше многу повеќе.