Во средата Баерн Минхен се намачи со Фрајбург на гости и буквално во судиското продолжение беше 1-1, па сите очекуваа шампионот да изгуби нови бодови.
Во еден момент в.д тренерот на Баерн, Ханс Флик, кој седна на клупата место отпуштениот Нико Ковач и ќе биде предводник најмалку до крајот на сезоната, го става во игра Џошуа Зеркзее. За ова дете не слушнале ни најзагреаните навивачи на клубот, а и дел од фудбалерите.
И малиот влегува во игра и бум! Дава гол за 1-2.
Неколку секунди потоа, Серж Гнабри ги поставува конечните 1-3 за Баерн Минхен во Фрајбург.
Е сега, што е интересното?
Во саботата напладне, се повтори буквално истото сценарио.
Баерн овојпат играше против Волфсбург. И цели 85 минути домаќинот плетеше мрежа околу голот на гостите, ама никако да го скрши отпорот.
Кога цел стадион и сите крај тв екраните мислеа дека тоа е тоа и дека Баерн ќе земе само 1 бод од сигурни 3, Флик решава да проба со малиот Џошуа Зеркзее (овојпат го стави во игра 8 минути пред крајот).
А симпатичниот Зеркзее после пар контакти, веднаш дава нов гол за 1-0.
Неколку секунди подоцна, како и во средата вечер, Серж Гнабри ги поставува конечените 2-0.
До мечот против Фрајбург во средата, Џошуа имаше само 5 минути во првиот тим на Баерн Минхен - дебитираше во Лига на шампиони на мечот против Тотенхем кога веќе сè беше решено околу пласманот.
Кариерата на Џошуа Зеркзее се развива екстремно брзо. Тој дури летово дебитирал за вториот, резервен тим на Баерн Минхен кој игра во трета германска лига и каде на цели 13 меча не дал ниту еден гол. Во принцип не бил ниту клучен играч ниту стандарден првотимец.
Некои од ѕвездите на Баерн до скоро не го ни познавале.
„Тој тренира со нас само три недели, но покажа значаен развој. Му претстои долг пат да помине, но ова е важна награда за него. Ние во Баерн работиме на тоа од играчите од академијата од ново да правиме спремни првотимци. Тоа е наша цел и се оди многу побрзо отколку што мислевме“, рекол Флик после мечот со Фрајбург.
ЗЕРКЗЕЕ ЈАВА НА НОВИОТ БРАН ХОЛАНДСКИ ТАЛЕНТИ
Џоуша е Холанѓанец со нигериско потекло. Роден е во Схидам, предградие на Ротердам, речиси мало градче познато по производство на џин.
Тој почнал да игра фудбал во мали клупчиња додека не го приметиле луѓето од Ден Хаг. Набрзо почнал да тренира во јуниорите на овој клуб а од таму подоцна преминува во Феенорд, најголемиот клуб од неговиот роден регион и еден од најголемите во земјата.
Во Феенорд блеснува (дал 33 гола на 27 меча за младинците) и го привлекол интереснот на Манчестер Сити и Арсенал. Се распрашувал и тогашниот тренер на Евертон, Роналд Куман кој лично зборувал со Зеркзее. На крај малиот се решил за Минхен.
„Планот на Баерн за мене изгледаше многу добар. Тоа ми изгледаше како најдобра варијанта за развој. Тренинзите се разликуваат од Холандија и Англија, има многу дополнителни работи. Работиме на завршницата што за мене е особено важно“, рекол Зеркзее пред да премине во Баерн.
А таму, на „Алијанц“ прво тренирал со тимот У17, па играл за У19 и летото 2018-та го земале во првиот тим за пријателски турнир.
Во 2019 година играл само за младинците, во младинската Лига на шампиони на УЕФА и за Баерн II.
Директорот на академијата, Холгер Зајц вели за младиот Холандски Нигериец: „Тој е од оние играчи кои се многу барани: моќен напаѓач кој останува ладнокрвен и не дозволува да го изненадат. Одлично ја разбира играта и брзо реагира на различни ситуации“.
А ветераните во Баерн, како Давид Алаба раскажуваат:
„Прекрасно е, тој го заслужи тоа. Многу сака да работи и сака да учи и да слуша. Многу сум среќен поради него. Тоа што тренерот му даде доверба доволно кажува. А сега му врати на тренерот за довербата со гол, што е уште подобро“.
Серж Гнабри, кој на 2 меча по ред дава гол веднаш по Џошуа вели:
„Тој е многу добар дечко и добар фудбалер со прекрасно чувство. Тренерот направи одлична замена. Џошуа ја искористи во минатото коло, и уште подобро што ја искористи и сега. А ги славевме головите со неговата сега веќе позната прослава“.
За крај, тренерот Флик заклучува:
„Просто му кажав дека треба да се најде таму, каде што може да создаде опасност. Тоа е негово најсилно оружје. Ладнокрвен е“.