Мечот Израел - Аргентина првично требаше да се игра во Хаифа, но израелските власти го преместиле на „Теди Стадионот“ во Ерусалим за 9 јуни, на местото каде до 1948 година имало палестинско село.
Аргентинскиот спортски сајт Minutouno доцна синоќа објави дека фудбалската федерација на Аргентина се соочила со закани (пред се упатени кон Лионел Меси). Постоел ризик од ескалација на насилство.
Аргентина која што е меѓу фаворитите за злато на Мундијалот летово, играла четири пати против Израел пред Светски првенства од 1986 година па наваму. Израелските медиуми соопштија дека во светло на развојот на настаните, премиерот Бенџамин Нетанјаху ќе зборува со неговиот аргентински колега Маурисио Макри по телефон.
Амбасадорот на Палестина во Аргентина Хусни Абдел Вахед се противел на пријателскиот меч.
„Овој дуел би бил сличен како ние да славиме окупација на Малвинас“, рекол амбасадарот за Radio Cooperativa алудирајќи на Фолкландски Острови, архипелаг околу кој со децении се спорат Велика Британија и Аргентина (во 1982 имале и воен конфликт).
Абдел Вахед додал уште и дека фудбалскиот дуел Израел го планирал како дел од прославата на ’70 годишнината од своето основање во 1948-ма, кога илјадници Палестинци биле присилени од Ционистички паравоени формации да ги напуштат своите села.
„За нас е неприфатливо овој натпревар да се игра во Ерусалим затоа што е окупирана територија и болно е да се види селекција која што ја сакаат и поддржуваат многу Палестинци и Арапи како се согласува со кршење на меѓународното право“, рекол палестинскиот амбасадор во Буенос Аирес.
Сега репрезентацијата на Аргентина се обидува да најде соодветен противник за 9 јуни во Барселона, а потоа планира да одлета за Русија каде ќе игра во група со Исланд, Хрватска и Нигерија. „Конечно донесоа права одлука“, прокоментирал Гонзало Игуаин за ESPN во врска со притисокот кој играчите го чувствувале пред овој натпревар со Израел.
Откако Аргентинците откажале, се огласила и фудбалската федерација на Палестина: „Палестинскиот фудбалски сојуз им благодари на играчите на Аргентина предводени од ѕвездата Меси што одбија да бидат искористени за неспортски цели. Вредностите, моралот и спортот победија денес и му покажаа црвен картон на Израел со тоа што ја одложија средбата“, изјавил Џибрил Раџуб претседател на Палестинскиот фудбалски сојуз.