Пред почетокот на квалификациите за Светското првенство кое следната година ќе се одржи во Бразил, селекторот Рој Хоџсон најави дека не би требало да имаат поголеми проблеми да изборат пласман од групата Х каде се натпреваруваат со Црна Гора, Полска, Украина, Молдавија и Сан Марино.
Навивачите се надеваа дека конечно дојде времето на англиската репрезентација, а челниците на федерацијата веќе ја пикираа и својата база во Рио.
Но по 6 одиграни натпревари Англија заостанува 2 поени зад хитот на квалификациите, репрезентацијата на Црна Гора. Со оваа позиција Англија би играла во плеј-оф и за прв пат по 1994-та година би можеле Светското првенство да го гледаат од дома на ТВ.
Неуспех во квалификациите би било огромно понижување, но сериозно ќе влијае и на финансиски план.
Со самото тоа што нема да се квалификува на СП, Англија ќе загуби 9,5 милиони евра кои им се загарантирани од ФИФА како награда на сите учесници на Мундијалот.
Наградата за пласман во четвртфиналето изнесува 19 милиони евра, а шампионот ќе освои 31 милиони евра. Секако Англичаните не сметаат на оваа награда, но очекуваат големи суми од други извори.
Само од издавање на лиценци за правење на производи со логото на англиската федерација (најмногу дресови) тие ќе заработат околу 12 милиони евра. Потоа тие земаат и процент од секој продаден производ, па само од продажба на дресови би добиле уште едно милионче.
Фудбалската асоцијација на Англија со своите спонзори потпишува договори на секои 4 години, а сите актуелни договори завршуваат по Светското првенство. Тоа значи дека ако не се пласираат на Светското првенство, многу од спонзорите нема да ги продолжат договорите, па така проценките се дека само Фудбалската асоцијација на Англија ќе загуби околу 30 милиони евра.
Неуспехот ќе има огромно влијание и на пошироката економија, односно на продажбата на пиво, храна, телевизори... Англичаните пресметаа дека неуспехот во квалификациите за пласман на Европското првенство во 2008-та година донел загуби на целата англиска економија во висина од 700 милиони евра.