Селекцијата на Црна Гора е најмладата фудбалска репрезентација на квалификациите за Мундијалот во Бразил, а веќе е блиску до пласман на најголемиот светски фудбалски елитен собир. Црногорците со четири победи и две нерешени средби се лидери на табелата во групата Х, пред „Гордион Албион" кој има 12.
Откако Црна Гора се оддели од Србија и во 2006 година прогласи независност, веќе наредната година, Фудбалскиот сојуз, кој сега го предводи легендарниот Дејан Савичевиќ стана членка на ФИФА и УЕФА во 2007 година.
Првиот официјален натпревар селекцијата на Црна Гора го одигра на 21 март 2007 година против Унгарија на стадионот во Подгорица и славеше со 2:1. Највисоката нивна победа е 3:0 против Казакстан, а најголемиот пораз 4:0 од Романија.
На првите квалификации за Светското првенство во 2010 година, Црна Гора имаше слаб пласман и заврши на 5-та позиција во групата со 9 бода, но потенцијалот и квалитетите го покажаа на првиот нивни квалификациски циклус за ЕУРО 2012 кога како и сега, беа во друштво со Англија.
Англичаните завршија први во групата со 18 бода, шест повеќе од Црна Гора која заврши на второто место со само еден бод зад Швајцарија и пласман во баражот. Црна Гора во двомечот против Чешка загуби на двата дуела и не успеа да се избори за првото европското првенство.
Адутот на репрезентацијата на Црна Гора е напаѓачкото "италијанско" дуо составено од Мирко Вучиниќ и Стефан Јоветиќ кои ги полнат мрежите во Серија А. И двајцата се предводници во нападите на Јувентус и Фиорентина. Тоа се впрочем и двајцата стрелци на првите две позиции на табелата. Вучиниќ има 13, а Јоветиќ 10 гола за националнот тим.
Досегашните резултати на селекцијата на Црна Гора која постои само 6 години им носи и доста значаен пласман на ранг листата на ФИФА. Според последното рангирање се наоѓа на одличното 28 место во друштво со Чешка и Норвешка, и е за 45 позиции подобра од македонската репрезентација.