Атмосферата во редовите на Вардар е на добро ниво, за што сведочеше и денешната прес конференција на која зборуваа тренерот Сергеј Андреев и заменик капитенот Никола Глигоров.
Русинот на клупата на Вардар пренесе една руска поговорка: „Во Русија велиме не можеш да ја делиш кожата од мечката, додека не ја фатиш“ и на тој начин сакаше да каже дека не треба да се прави атмосфера во која Вардар веќе е во следното коло.
Колку е опасен резултатот 0-0, затоа што со еден примен треба да постигнеме два?
„Резултатот 0-0 не е лош, но не е ни фантастичен. Не дај Боже да примиме гол, треба да дадеме два и сами кажавте. По дуелот во Никозија ме прашаа дали е позитивен или негативен резултат, јас одговорив дека за тимот што игра на гости 55% тоа е позитивен резултат, а 45% не е", додаде Русинот на клупата на Вардар.
Андреев не сакаше да открие дали Скопјани шутирале пенали на тренинзите.
„Ве молам само не ги споменувајте пеналите. 90% во пеналите е психологија, не игра улога колку е добар играчот. Во однос на физичката подготвеност и прашањето дали сме спремни за 120 минути игра можам да кажам дека сме спремни. Знаев дека во Никозија ќе биде многу тешко. Свесно избравме одбранбена тактика, но во Скопје ќе смениме нешто во играта. Ве молам немој да ме прашувате ништо за стартниот состав“.
Важноста на мечот е голема, а за тоа е свесен и Никола Глигоров, заменик капитенот на Бобан Грнчаров.
„Едно е сигурно. Нè очекува тежок меч и различен од првиот во Никозија. Сега подобро се познаваме и мислам дека ќе има помалку изненадувања. Како што рече и шефот, 0-0 ни дава надеж, шансите се 50-50. Преживеавме таму, во Никозија не е лесно да се остане непоразен, многу поголеми екипи паѓале таму и верувам дека со поддршка од публиката, ќе успееме“, вели заменик капитенот Никола Глигоров.
Од клубот соопштија дека досега се продадени околу 15.000 карти и дека се подготвува кореографија. АПОЕЛ пристигна во Скопје, а тренингот на Филип Втори Арената ќе го има од 19:00 часот. Вардарци ќе тренираат вечерва од 20:30.