Африканска историја во Катар, Мароко го испрати Роналдо во мундијалска пензија

Трет четвртфинален меч, трета луда драма со неочекувана завршница. Мароко ја победи Португалија со 1:0 и се избори за сензационално полуфинале, прво за една земја од Африка на Светско првенство. Кристијано Роналдо доби шанса во 51 минута и замина во соблекувална во солзи. Уште што ли ќе видиме на ова Светско првенство?

Јусуф Ен Несири е јунакот на Мароко кој со небесен скок во 42 минута испиша нова историја за својата земја и за цел континент, кој во мундијалската историја никогаш немал претставник во полуфинале на Светско.

По елиминацијата на светскиот првак Шпанија, Мароканците приредија ново чудо против уште еден фаворит, инаку европски првак од 2016-та со богат фонд на играчи и многу ѕвезди со големо искуство на вакви натпревари.

Португалците имаа неколку големи шанси, но немаа лек за Јасин Боно, кој внимавајте добро, има примено само еден гол на ова Светско првенство.

Мароко е хит број 1 во Катар и прими гол само од Канада. Со Хрватска одигра 0:0, Белгија ја совлада 2:0, а во осминафинале ја сруши Шпанија на пенали со 3:0, откако по 120 минути мечот заврши без голови.

Мароко е втората селекција која ќе игра полуфинале на СП, а не доаѓа од Европа или Јужна Америка.

Противник во полуфинале ќе им биде победникот од дуелот Англија – Франција кој стартува во 20 часот.

МАРОКО - ПОРТУГАЛИЈА 1:0

10 декември 2022 - 17:58