ГО ПОТПИШАЛЕ БЕЗ ПРОБА, БИЛЕ УБЕДЕНИ ОД МЕНАЏЕРИТЕ
Во историјата на фудбалот имало неколку неверојатни превари за играчи кои не знаеле кај е лево, ама со итроштина успеале да заиграат во сериозни клубови.
Најпознат од нив секако е Али Диа, најголемиот преварант од Сенегал кој пред точно 23 години заигра за Саутемптон во Премиер лигата кај тренерот Грем Сунес кој поверувал во лагата дека Али Диа е роднина на Жорж Веа и врвен фудбалер.
Али Диа ги лажел дека бил во ПСЖ, дека имал 13 настапи за репрезентацијата и дека имал богата биографија. Али влезе на мечот против Лидс наместо Мет Ле Тисие а ден-денес, 20 и кусур години подоцна сите оние кои му поверувале се предмет на потсмев.
Е сега, нов преварант е Бернио Верхаген.
Дошол во Данска каде кажал дека играл во Аудакс Италијано, познат клуб од Чиле. Имал и силна препорака од менаџерите. Тие се претставиле како влијателни луѓе во големата агенција Stellar Group (гигант кој го изведе трансферот на Герет Бејл од Тотенхем во Реал) и покажале писма со печати од разни договори.
Менаџерите притоа покажале договори дека Верхаген во јануари требал наводно да оди во кинески клуб, а додека тие му ги комплетираат документите, би било добро тој пар месеци да поигра во Данска, а тие на него плус ќе профитираат од трансферот.
Скаутите на Виборг не можеле да се сетат дека во базата на податоци имале таков играч, ама ги заинтригирала неговата биографија. Пред Аудакс Италиано наводно играл во Динамо Авто од Молдавија и во Кејптаун Сити од Јужна Африка. Плус добиле и официјални писма од фудбалските федерации на Данска и Холандија кои им потврдиле дека таков играч имало во неколку клубови.
На реномираниот Transfermarkt дури и направиле страница за Верхаген но без ниту еден меч.
НА ПРВИОТ ТРЕНИНГ ПРОВАЛИЛЕ ДЕКА Е ПРЕВАРАНТ, НЕ ЗНАЕЛ ДА ПИПНЕ ТОПКА
Откако управата дала зелено светло, Верхаген дошол на тренинг. И одма на првиот тренинг сфатиле дека е катастрофален. Еден од играчите на Виборг решил да провери од кај им доаѓа новиот соиграч и се зачудил кога видел дека немал ниту еден одигран професионален меч во кариерата.
Ниту во Динамо, ниту во Кејптаун, ниту во Аудакс. Кога се јавиле во молдавскиот и јужно-африканскиот клуб, од таму им рекле дека никогаш немале таков фудбалер.
Игор Доброволски, главниот тренер на Динамо Авто рекол дека за таков играч никогаш не слушнал, а Џон Комитис, сопственикот на Кејптаун рекол дека појма нема кој е Верхаген.
„Тој никогаш не бил регистриран како играч на Кејптаун Сити и никогаш не играл за нашиот клуб. Еднаш требаше да потпишеме со него, но видовме дека нешто не е во ред и се откажавме од официјален договор со него“.
ПРЕВАРАТА ЈА ОТКРИЛЕ ДАНСКИТЕ МЕДИУМИ КОГА БАРАЛЕ ИНФОРМАЦИИ ЗА ВЕРХАГЕН ОД ЧИЛЕ
Два крупни, сериозни медиуми од Данска - BT и Bold.dk решиле да ја прошират истрагата за чудниот трансфер и откриле неколку интересни детали.
Верхаген за време на својот премин во Виборг живеел неколку дена во хотел со 21-годишна девојка од Чиле по име Најарет Мучи. Во еден момент избил скандал затоа што девојката на социјалните мрежи го обвинила дека ја грабнал, ја тепал и периодично ја заклучувал во собата и ги земал клучевите со себе.
Медиумите барале информации од клубот Виборг, но од таму ништо не знаеле. На крај кога приказната се раширила, Виборг се оградил од парот.
Во средината на ноември девојката се обратила во полиција, а во тој момент Виборг го избркал Верхаген и го раскинал договорот со него.
СЕ ФАЛЕЛ СО СТАТИСТИКА НА ВИКИПЕДИЈА И ОСНОВАЛ СВОЈ ФУДБАЛСКИ КЛУБ ЗА ДА СПОДЕЛУВА ФОТОГРАФИИ
Целата историја ја раскажала неговата поранешна девојка од Чиле: таа рекла дека во 2017 година се запознале на некој сајт и почнале да се гледаат. Тогаш тој и пратил слика во дрес од Копенхаген и и раскажал дека игра за младинците на данскиот трофеен клуб и дека дава многу голови.
Тогаш клубот од главниот град на Данска немал појма за ова.
Притоа се жалел дека не му плаќале на време, позајмувал пари од неа и фактички живеел на нејзина сметка. Таа во еден момент посомневала дали тој навистина е професионален фудбалер? Пробала да најде некоја информација за него, но на Transfermarkt немало ништо за него.
Кога девојчето го прашало Бернио Верхаген зошто нема ништо за него, тој и ја пратил својата страна на Википедија каде пишувало: Верхаген има 15 меча за Дери Сити од Северна Ирска.
„Кога му кажав дека на Википедија може да уредува кој како сака, тој се налути и кажа дека јас ништо не разбирам. Во Дери Сити сите негираа дека имале таков играч и воопшто никогаш не слушнале за таков фудбалер“, девојката се смеела додека раскажувала за данските медиуми.
Во 2017 година Верхаген направил страниција ФК Јутланд на Фејсбук, дури и нацртал лого и нарачал од Nike три комплети со играчка опрема на која го испринтал името на клубот и спонзорот. И тоа само за да се слика на терен со фудбал како да е на натпревар.
На Инстаграм и Твитер тој редовно постирал фотографии со дресови од други клубови, објавувал непознати статистички програми според кои секогаш бил на теренот.
„Еднаш ми кажа дека ќе оди на проба во Мидтјиланд. Отидовме во трговски центар, а тој влезе во бутик и купи дрес од овој клуб. Го прашав: „Па чекај, зарем не се должни тие да ти дадат дрес?“, а тој ми одговори: „Поарно да си го имам претходно. Додека беше со мене никогаш не играше во тој клуб. Можеби трчаше на теренот на Рандерс (исто клуб од Данска)“, раскажала девојката.
Бернио Верхаген бил мрзлив, спиел по 15-16 часа на ден, а се плаќала девојката. Но, како што раскажува таа, бил многу добар и 100% делувал уверено.
ГО УАПСИЛЕ ВО ПРОДАВНИЦА
На крајот од ноември целата драма (или комедија како сакате) добила епилог.
Холанѓанецот заедно со девојката од Чиле жестоко се скарале во продавница, тој и пришол од зад грб и ја удрил пред камерата. Полицијата брзо го уапсила за насилство.
После неговото апсење, во полиција брзо се јавиле и уште три други девојки кои биле жртви на измамникот Верхаген. Една од нив раскажала во полиција дека псевдофудбалерот им барал да споделуваат страници на кои тој наводно потпишал договор со кинески клубови пред да дојде во Виборг.
Во моментов се наоѓа во притвор во Данска до 16 декември кога треба да му почне судењето.
Сценарио за филм совршено.