Адеми си замина од Македонија, можна е две годишна суспензија

Македонскиот репрезентативец Аријан Адеми отпаѓа од комбинација за настап против Украина, откако УЕФА објави дека бил допингуван во Лига на шампиони.

Резултатите од допинг контролата на УЕФА покажале дека фудбалерот на Динамо Загреб бил позитивен на тестот пред мечот од Лигата на шампионите против Арсенал, кој беше поразен на Максимир минатиот месец со 2:1

УЕФА ја информираше и Фудбалската федерација на Македонија која доби допис и од Динамо Загреб:

„Официјално ги примивме резултатите од допинг контролата по натпреварот од првото коло во Лигата на Шампионите против Арсенал и дека нашиот играч  Аријан Адеми беше позитивен на допинг тест и против него УЕФА отвора постапка. Според правилата на Уефа ФК Динамо не смее да дава коментари додека трае дисциплинската постапка и додека не биде готов наодот од Б контролата. Аријан Адеми во последната година шест пати беше тестиран и секој пат наодот беше негативен. Исто така играчите од почетокот на сезоната повеќепати беа тестирани од страна на Уефа и хрватската антидопинг агенција и наодите секогаш  беа негативни. Кога ќе имаме повеќе информации ќе ги известиме навивачите и јавноста“, стои во соопштението на Динамо до ФФМ.

Адеми ги напушти подготовките со репрезентацијата за мечот против Украина и замина во Загреб, а доколку биде позитивен и на Б контролата можно е да добие две годишна суспензија.

Според правилникот на УЕФА, Динамо може да биде казнет со бодови ако еден играч падне на допинг контролата, а доколку во текот на оваа сезона во Лигата на шампионите повеќе од двајца фудбалери бидат фатени со допинг, хрватскиот клуб ќе биде исфрлен од натпреварувањето.

8 октомври 2015 - 00:47