Сте слушнале ли за нигерискиот напаѓач Даниел Амокачи? Можеби го знаете по тоа што го има постигнато првиот гол во новиот формат на ЛШ. Се работи за мечот меѓу Клуб Бриж и ЦСКА Москва 1:0, одигран на 25 ноември, 1992-ра година.
Или по тоа што има играно со Нигерија на два Мундијали (1994 и 1998), а има освоено и Куп на Африкански нации 1994, како и златен медал на Олимписки игри 1996. И тоа Аргентина ја тепале во финале 3:2. Амокачи дал гол, а за Гаучосите стрелале славните Клаудио Лопез и Хернан Креспо.
9 април 1995-та е натпреварот кој остана во сеќавањата на навивачите на Евертон, нивниот тренер Џо Ројл и нормално на протагонистот Амокачи кој свесно влегол во ризик по цена тоа да му биде последен натпревар за премиерлигашот.
Евертон во полуфиналето од ФА Купот имал 2:0 против Тотенхем, но Јирген Клинсман во 63-та намалил од пенал и ја вратил неизвесноста. За проблемите да бидат поголеми, се повредил Пол Рајдаут, нивниот главен шпиц кој ја играл сезоната на кариерата.
Лекарскиот тим му пружал помош надвор од теренот, а Ројл му рекол на Амокачи да се загрева да не треба да влезе за секој случај. Кусо време потоа Рајдаут се кренал на нозе и чекал знак од судијата за да се врати во игра, но на терен што ќе види.
Амокачи некако ги измамил судиите и се протнал во игра без да му каже тренерот дека треба да влезе, бидејќи приоритет било Рајдаут да се оспособи и да го доигра важниот меч.
Нигериецот горел од желба да му се наметне на тренерот бидејќи до тогаш имал постигнато само еден гол во Премиер лигата и решил сам да си направи измена, без разлика што ќе каже неговиот претпоставен.
Осум минути подоцна, центар шут по десна страна и удар со глава за 3:1 во 82-ра минута. Во 90-та нов центар шут овој пад од лева страна и конечни 4:1 за Евертон. Стрелец на двата гола херојот Даниел Амокачи за делириум на трибините и финале против Манчестер Јунајтед кое го решил другиот напаѓач на кој не му било пишано да се врати на терен поради своеглавиот Амокачи.
„Даниел залутал на теренот без да го види четвртиот судија и тоа е тоа. Ова е најдобрата измена што сум ја направил во кариерата“, вели Рајдаут кој всушност и не ја направи измената, туку самиот Амокачи кој ја раскажа ситуацијата од свој агол.
„Го слушнав физиотерапевтот како му кажува на тренерот дека Пол е повреден и мора да излезе. Овој му одговори дека ќе му даде уште 5 минути да се опорави. Но се виде дека не му е подобро и јас решив да влезам. Клинсман беше во залет, притисокот се зголемуваше и почувствував дека можам да помогнам. Си реков во себе „се надевам дека ова ќе успее“ и благодарение на Господ успеа и покрај тоа што бев свесен дека може да ми биде последен натпревар за Евертон“.
Амокачи одиграл две сезони за Евертон каде пристигнал од Клуб Бриж за 3 милиони фунти, а потоа играл уште и за Бешикташ. Нигерискиот напаѓач направил куса кариера од само 10 сезони и тој практично завршил со фудбал кога имал 27 години.
Паднал на медицински прегледи во Минхен 1860, а имал обиди да продолжи да игра во уште неколку екипи кои откако виделе дека не е физички спремен, не му дале договор.
Како и да е, ќе остане запаметен како играч кој бил дел од најефикасното недоразбирање или протнување во историјата на Евертон и ФА Купот.
Головите од полуфиналето во ФА Купот
Пазете што им направил на Грците на СП 1994. Сам против сите.