Фудбалската треска во Неапол во ерата на претседателот Де Лаурентис е се посилна и посилна. За навивачите очигледно дека не е важно кој гостува на „Сан Паоло". Во Лигата на шампионите пред полни трибини славеа голема победа над минатогодишниот финалист Борусија Дортмунд со 2:1.
Вечерва гостува тим без никаква историја, кој настапува пред стадион кој собира нешто повеќе од 20.000 публика и кој сезонава за прв пат настапува во Серија А, но тоа не ги интересира Наполитанците кои ги купија сите 60 илјади билети за вечерашниот меч.
Стартот во првенството за фудбалерите на Бенитез може да донесе и нов рекорд во клубот. Наполи по првите кола има полн плен од четири победи, а со оглед на фаворитската улога против Сасуоло се очекува да триумфира во петтиот првенствен меч во низа.
Таков успешен почеток во домашното првенство од пет победи по ред Наполитанците имале единствено во сезоната 1987/1988 и тоа со една службено доделена победа.
Составот на Рафа Бенитез сезоната триумфираше на гости против Киево и Милан, а пред своите навивачи славеше против Болоња и Аталанта на кои беа пристуни околу 40 илјади фанови. Вечерва со најевтини цени од 6 евра темпераментните Наполитанци ќе го наполнат „Сан Паоло" до последно место.
Сезонава останаа без најдобриот фудбалер Единсон Кавани кој лани беше најдобар стрелец во првенството, но грижите на навивачите за кратко време исчезнаа. Де Лаурентис парите од него ги вложи за неколку квалитетни засилувања и нов тренер.
За сега замената за Уругваецот Кавани, одлично ја пополни еден друг јужноамерикаец, Гонзало Игуаин кој дојде од Реал Мадрид и кој веќе на три од четирите првенствени меча се запиша на стрелците и го начна голот и против Борусија.
Во успешниот мозаик кој веќе неколку години успешно го составува мудриот филмски режисер веќе трета година е и нашиот Горан Пандев кој е најавен во вечерашниот состав и од кого го очекуваме првиот гол во новата сезона. Дебитантскиот на Аргентинецот Игуаин на домашен терен беше посебно поздравен.