Пет годишна забрана за сечењето глава

Откако со кореографија го „обезглавија“ нивниот поранешен миленик, Стивен Дефур, навивачите на Стандард Лиеж ги чекаат драстични казни. За суспензија се залага и белгиската влада, која го осуди инциндентот на неделното дерби.

Неделното дерби меѓу Стандард и Андерлехт помина во тензична атмосфера. Најпрвин домашните навивачи истакнаа големо покривно знаме на кое стоеше натписот Red or Dead и обезглавениот Стивен Дефур, кој во моментов игра за најголемиот ривал на Стандард, Андерлехт од Брисел.

Во еден момент од средбата, Дефур силно ја шутна топката кон домашните навивачи, по што доби црвен картон, а подоцна изјави дека само сакал да ја исфрли во аут, затоа што еден домашен фудбалер лежел повреден на теренот. Откако белгиската јавност не престанува со повиците за линч на навивачите, се огласи и владата и фудбалскиот сојуз на Белгија.

„Работиме заедно со полицијата на пронаоѓање на тие што го организирале овој срамен банер", изјави портпаролот на белгиската влада.

Против секој навивач кај кого ќе биде утврдена вина дека учествувал во цртањето на покривното знаме ќе биде покрената дисциплинска мерка и 5-годишна забрана за влез на било кој стадион во земјата и странство. Притоа, секој навивач ќе мора да плати парична казна од 5.000 евра.

Во меѓувреме се огласи и министерот за надворешни работи на Белгија, Дидие Рејндерс, кој на Твитер објави дека и самиот е навивач на Стандард Лиеж, но клубот бил жртва на мала група глупави луѓе, кои го срамат и градот Лиеж и клубот Стандард.

27 јануари 2015 - 16:01