Нема промени во паричните награди за Германија во однос на последниот Еврошампионат од 2012-та и тие ќе изнесуваат исто и на следното Европско првенство кое се игра од 10 јуни до 10 јули оваа година.
Фудбалската федерација на Германија на секој репрезентативец ќе му исплати премија од 50.000 евра за пласман во четвртфинале, 100.000 евра за полуфинале и уште 150.000 евра доколку станат Европски прваци.
„Среќен сум што е постигнат договор помеѓу играчите и челните луѓе на федерацијата. Ова ќе донесе мир во нашите редови. Сега фудбалерите ќе може да бидат фокусирани само на играта“, изјави менаџерот на германската репрезентација Оливер Бироф.
Германија на ЕП ќе игра во група Ц заедно со Украина, Полска и Северна Ирска. На претходното Европско стигна до полуфинале и загуби од Италија со 2:1, а последната титула ја освоија во 1996 година.