Поминаа 473 дена по освојувањето на сензационалната титула на Лестер во Премиер лигата, но на навивачите не им излегува од глава нивниот Раниери кој стана култен херој во градот.
Дин и Ден се сретнаа со него, ама за тоа задоволство патуваа 2.000 километри до Нант. Се работи за татко и син, инаку сопственици на сезонски билети за натпреварите на Лестер, кои заминаа да го посетат Раниери во францускиот клуб на кој е тренер од 15 јуни.
Тие му подарија книга составена од фотографии на негови обажаватели, полна со сеќавања од легендарната сезона 2015/2016. Во неа има слики од 250 навивачи на Лестер од цел свет фотографирани со Раниери на разни локации.
Во воведот Дин напишал:
„Клаудио, навивачите на Лестер никогаш немаа можност да се збогуваат со тебе, затоа ти благодариме за сè што направи за нашиот клуб додека беше таму. Сакам да ти кажам дека многу ќе нѝ недостигаш и секогаш ќе бидеш легенда на Лестер. Со фотографии и пораки од нас, како и од Австралија и Америка, приказната за победничката сезона на Лестер навистина патуваше во светот“.
Пораки на други навивачи:
„Кралу Клаудио, ги исполнивте моите соништа и секогаш ќе имате посебно место во моето срце. Ви благодарам“.„Сопругата на мојот 63 годишен пријател почина кусо време по освојувањето на титулата и јас засекогаш ќе ви бидам благодарен што го усреќивте. Им донесовте огромна среќа на навивачите на Лестер, ви посакувам сè најдобро во иднина“.„Ти благодариме што ни даде нешто неверојатно кое ќе остане во нас цел живот. Многу нѝ недостигаш и се надеваме дека еден ден ќе ве сретнеме повторно“.
Инаку Дин и Ден им се благодарни и на луѓето од Нант кои им организирале средба со Раниери 20 минути пред да почне со тренинг.
„Клаудио беше фантастичен и додека ја гледаше книгата сакаше да им се заблагодари на сите што придонесоа за неа. Секој што сакаше да биде дел од книгата плати 5 фунти и откако целосно беше изработена останаа 1.200 фунти кои Клаудио побара да бидат донирани во болницата за деца во Лестер. Не зборувавме за неговото отпуштање, тој беше импресиониран од книгата и организираше влезници за мене и Ден. Книгата беше нешто што требаше да го направиме за него. Таа е сумирање на љубовта и респектот што фановите на Лестер од цел свет ги имаат спрема него“, вели Дин.