11 шампионски титули - 11 голчишта на Милер

Во сенка е на Левандовски и важи за еден од најпотценетите, кој пали и гаси како играч од среден ред, крило, втор напаѓач, најистурен напаѓач. Универзален фудбалер кој повеќе од заслужено го има статусот на клупска легенда.

Ако треба да се бара играч кој вистински ја мисли фразата „Од мал навивам за овој клуб“, која е инаку излитена и многумина ја кажуваат колку да импресионираат, тогаш тоа е Томас Милер.

Човекот кој е синоним за верност и лојалност кон Баерн Минхен, го продолжи договорот до 2024-та. Клубот направи многу јак маркетиншки потег и му го продолжи во неговата детска соба.

На едната слика е Томас со дрес, ракавици, постери и со детски сон да заигра за Баерн Минхен.

На другата е Томас на 32 години со одиграни 623 натпревари и 226 голови и најтрофеен германски играч со вкупно 31 трофеј од кои рекордни 11 титули во Бундеслигата.

Милер е дел од Баерн Минхен од 2000-та кога почнал да се кали на 11 години, а од 2008-ма е дел од првиот тим.

„Не може да се замисли Томас Милер без Баерн и Баерн без Томас Милер. Затоа сме многу среќни што го продолжи договорот до летото 2024 година. Томас е лидер кој е гладен за успех, пример на теренот и надвор од него кој го претставува Баерн подобро од кого било“, изјави спортскиот директор, Хасан Салихамиџиќ кој заедно со претседателот на Баерн, Оливер Кан му ја посетија собата и ја продолжија соработката.

Компилација со 11 мајсторски голови на Милер, по еден од секоја сезона.

 
4 мај 2022 - 09:03