Јозеф Бицан бил роден во Виена на 25 септември во 1913-та година во сиромашно чешко семејство. Детството го поминал во играње фудбал на улица со топка направена од чорапи, со што тој стекнал одлична техника и талент за импровизација.
Бицан бил силен и многу брз фудбалер кој можел да истрча 100 метри за 10,8 секунди што во тоа време претставувало достигнување слично на најдобрите светски спринтери. Но она во што тој бил најдобар е неговото чувство за постигнување на голови од секоја можна позиција.
По играњето за неколку клубови во Австрија, во 1937-та година се сели во Славија Прага каде постигнал 534 голови на 274 натпревари и се уште важи за најголема клупска легенда.
Додека играл во Славија, тој добил чехословачки пасош и право да настапува за оваа репрезентација и во својата кариера има постигнато 34 голови на 34 интернационални натпревари за 3 национални тимови (Австрија, Чехословачка и Бохемија и Моравија).
Во јуниорските денови неговата мајка гледајќи еден од натпреварите до толку се налутила по остар старт врз нејзиниот син што влегла на теренот и го натепала противничкиот фудбалер со чадор.
Љубителите на фудбалот во тоа време уживале да го гледаат Бицан на теренот, а било вистинско уживање дури и да се гледаат неговите тренинзи. Стотици луѓе почнале да доаѓаат на тренинзите на Славија Прага, па клубот почнал да им наплаќа. Додека останатите фудбалери ги правеле редовните вежби, Бицан ја забавувал публиката со шутирање во празни шишиња кои ги редел на рамната дрвена пречка од голот.
Во својата кариера тој 12 пати бил најдобар стрелец на сезоната, нешто што не им успеало ниту на Пеле и Ромарио.
Но она што го прави најдобар на сите времиња е бројот на постигнати голови. Според Rec.Sport.Soccer Statistics Foundation (RSSSF), Јозеф „Пепи" Бицан во својата кариера има постигнато 805 голови на официјални натпревари, односно 1.468 голови ако се бројат и оние постигнати на пријателските дуели.
Јозеф Бицан почина на 12 декември во 2001-та година.