10 – За упорноста на Португалија, бидејќи да се подигне пехарот со само еден меч од седум во 90 минути е рекорд. За фановите на Република Ирска кои ја освоија тифо сцената на ЕП. За солзите на Барцаљи и за прегратката на Буфон кој им се фрли на навивачите.
9 – За Кристијано Роналдо кој повреден се враќаше на терен. Ќе добиеше 10-ка доколку покажеше подобра игра. За ножичките на Шаќири, за триото BBC од Јуве кое се постави како ѕид со Италија.
8 – За Фернандо Сантос кој во игра го стави џокерот Едер. За Велс и Герет Бејл и "don't take me home". За француската полиција и нивниот осет во период кога земјата стравуваше од нови терористички напади. За Италија која имаше малку ѕвезди, а големо срце. За Исланд која го направи горд својот народ.
7 – За Гризман и неговите 6 гола на Европското. За навивачите на Шкотска кои не беа во Франција, но нивниот начин на навивање го ископираа Исланѓаните, а потоа и Французите. За дебитантот Албанија која одлично се носеше во групната фаза.
6 – За фрузирата на Кварезма. За некои е грда, за други не е. За организацијата на првенството која се покажа како солидна.
5 – За Германците кои и покрај тоа што се Светски прваци, нивните Боатенг и Швајнштајгер не може да си дозволат да играат со раце. За Ибрахимовиќ. За Холандија која не успеа да се квалификува на Европско со 24 репрезентации.
4 – За Погба кој не играше на својата позиција и кој не беше како оној во Јуве. За распоредот на првенството кој претрпе многу критики.
3 – За Белгија која дојде со највисока позиција на ранг листата, но доби лекција прво од Италија, а потоа и од Велс. За Англија која повторно се посрамоти. За Шпанија.
2 – За селекторот на Северна Ирска, Мајкл О`Онил кој не го пушти во игра Вил Григ ниту минута.
1 – За пеналите на Ѕаѕа и Пеле. За ниту едниот шут во рамки на гол на дуелот Хрватска – Португалија. За одлуката на УЕФА која забрани влез за децата на терен.
0 – За Русија која не одигра ништо на ова Европско првенство. За нас од Газета на кои ни текна ваква табела на која сигурно сме заборавиле нешто важно.