10 години од дебито на Лео Меси во Примера

На 11 години Лионел прв пат стапнува во Каталонија, а од целиот свет Барселона е избрана само затоа што таму Меси има роднини. Значително поситен од сите останати, талентот на Меси го препознава само спортскиот директор на Барса, Карлос Рексач. Веднаш потпишува договор со малиот Меси, во ресторан на парче салфетка.

Роден во Росарио на 24-ти јуни 1987-ма, Лионел Меси првите фудбалски чекори ги направил во локалниот клуб Грандоли, каде тренер бил неговиот татко, Хорхе Меси.

На 8-годишна возраст преоѓа во Њуелс Олд Бојс, каде со генерацијата '87 во четири години нема да има ниту еден пораз и ќе го добијат прекарот „Машината од 87-ма“. По три години, на Меси му е дијгностициран недостатокот на хормонот за растење, за што терапијата чини 900 долари месечно.

Во ситуација кога татко му Хорхе бил работник во фабрика за железо, а мајка му Селија хонорарна хигиеничарка, фудбалот бил единствен спас за поголема заработка. Родителите одлучуваат да го пратат во Барселона, заради две причини: таму имаат роднини, и има добра фудбалска академија. Хорацио Гаџоли, човекот кој посредувал за пробата, изјавил дека се шокирал кога за прв пат го видел Лионел.

„Некои мои пријатели од Аргентина ми кажаа дека имало некое талентирано 11-годишно дете. Ми пренесоа дека сакал да дојде во Шпанија, каде ќе најде тим и соодветен град за третман на проблемите со хормоните. Се обратив во Реал и Атлетико Мадрид, но не ми одговорија ништо конкретно. На крајот Барселона прифати состанок, но кога за прв пат го видов Меси како слегува од аеродромот така слаб и мал, помислив дека сум во неволја пред луѓето од Барселона. Се запрепастив колку беше низок и мал“, вели Хорацио Гацоли.

По само неколку тренинзи, спортскиот директор на Барса, Карлос Рексач, гледа дека Лионел има нешто што другите деца го немаат - стартна брзина и лесен дриблинг. Одлуката Барселона да го плати целосниот третман на малиот Меси е круцијална во неговиот живот и кариера. По неколку средби со луѓето од клубот, татко му на Меси за последен пат отишол да се види со претседателот Жоан Гаспар, кој бил не спремен и договорот го потпишале на салфетка, на 14-ти декември 2000-та година.

Во 2-годишниот престој во Ла Масија академијата, Меси напорно тренирал и редовно ги земал хормонските суплементи на третмани кои ги плаќал клубот. И покрај тоа што постигнал 37 гола на 30 натпревари во кадетска конкуренција, Лионел за малку ќе го напуштел клубот во 2003-та година, кога биле отпуштени многу играчи (меѓу кои и Цеск Фабрегас).

Официјалното деби на Меси за Барселона датира од 16-ти ноември 2003-та година, кога со 16 години и 145 дена настапил на пријателскиот натпревар против Порто. За помалку од година дена, Холанѓанецот Франк Рајкард му пружи прилика и во Примера, каде Меси за прв пат заигра против Еспањол на 16-ти октомври 2004-та.

Во конкуренција на Самуел Ето и Роналдињо, Меси не добиваше многу прилики, но ја користеше секоја пружена шанса во целост да го покаже својот талент. Дебито во Лигата на шампионите беше година дена подоцна, на 27-ми септември против Удинезе во групната фаза.

Оттогаш па наваму, Лионел Меси одигра 316 натпревари за Барселона и постигна 260 голови во сите конкуренции. 4 пати ја доби Златната топка на ФИФА, 3 пати беше прогласен за најдобар игач во светот. Беше најдобар стрелец во ЛШ во сезоните 2009, 2010, 2011, 2012. Со Каталонците 6 пати ја освои Ла Лига, 2 пати Кралскиот Куп, 6 пати шпанскиот Супер Куп, 3 пати Лигата на шампионите и по 2 пати Супер купот на УЕФА и ФИФА Светското клупско натпреварување.

Во дресот на Аргентина има злато од Олимпијадата 2008-ма, Копа Америка во 2007-ма и сребро од СП 2014-та, а за „гаучосите“ на 93 средби дал 42 гола. На 18-ти месецов, Лео Меси против Еибар на „Камп Ноу“ ќе прослави јубилејна деценија во дресот на Барселона.