Off Topic

Кога државник си ја почитува земјата, и империите знаат да се повлечат

Да ви раскажеме една епизода од богатиот политички и државнички живот на Ли Куан Ју, човекот кој се смета за татко на модерниот Сингапур која објаснува зошто тој се смета за еден од најголемите државници во 20-тот век. Личниот интегритет на еден лидер не е само квалитет кој важи за него, тоа е и капитал кој тој го вложува во градењето доверба и долгорочна успешност на една нација.  

Што се мисли таа Каталонија?

Во Каталонија (формално, Шпанија) некој продава имот со куќа, лозје и пар дребулии. Цената е мрсничка, 825.000 евра, но, почекајте ви кажеме што сè следува во таа цена па подоцна сами направете споредба со цените во Скопје и другите наши „велелепни“ средини.

И за висината ли лажеше бе, стари?

На њујоршката возачка дозвола од 2012 година, на негова 66 годишна возраст, наведено е дека Доналд Трамп е висок 187 сантиметри. Подоцна изгледа се има извишено па последниве години службите инсистираат дека е висок преку 190 сантиметри. Деновиве се сретна со лидерот на сенатското мнозинство Џон Тун кој е висок 193. Што значи дека разликата  меѓу нив би требало да биде само три сантиметри. А скоро цела глава е.

Лионел Меси е статистичка аномалија

Перформансите на аргентинскиот фудбалски патријарх во голови и асистенции толку остапуваат од нормалната крива на дистрибуција што кога просекот на висината на луѓето би изнесувал 1,75 метри, Меси би бил висок над 2,30 метри. Веројатно никогаш во животот нема уште еднаш да видиме таков феномен, во која било област.     

Во Битола би го викале Темнио

Меланoтан II е синтетички пептид аналоген на природниот хормон кој го имаме. Развиен е во 1980-тите години на Универзитетот во Аризона како средство за потемнување на кожата без потреба од долго изложување на сонце. Не е одобрен од ниедно регулаторно тело но се продава нелегално а се инјектира поткожно. Изгорен од желба да биде потемнет, еден цреп го користел цели 17 години, за да сподели слики „пред и потоа“. 

Трамп е првиот американски претседател победен од едноклеточен организам

Фамозниот рефлектирачки базен на Трамп за кој пукна околу 15 милиони долари (дадени со директен договор, без тендер и наддавање) позелене од алги и почна да се лупи. Тврди дека некој со нож го има сечено. Кој доаѓа бре со нож за да сече бетонски базен? Ене ги, сега околу него ставаат огради „против вандали“.

Во ниедна градинка не успеало ова

Дузина кучиња, чекаат мирно да бидат викнати по име за да тргнат на јадење.

Малку поинакво доживување на Трамп

Трамп за Американците не е ништо ново, ново е само што полека престанува да им е смешен и наместо тоа полека почнува да им станува страв од можниот исход на изборите во ноември. Џон Милејни има еден постар скеч со Трамп, кој на негова жалост никако да изгуби од актуелност и точност.

Источно од алкохолот

На потегот ДМ - Перо - Чамо (дебармаалскиот бермудски триаголник во кој потонале многу храбри олупини), овој клип се раскажува како доказ дека рајот е сепак можен на Земјава.

Ама, тие не се откажале

- Хенри Форд пропаднал и банкротирал 5 пати пред да успее.
- Мајкл Џордан биле избркан од училишниот кошаркарски тим.
- Директорот на училиштето на Мајкл Кејн му рекол "Ти цел живот ќе бидеш работник."
- Ван Гог продал само 1 слика во животот и тоа на својата сестра за околу 400 франци. Тоа не го спречило да наслика повеќе од 800 слики.

Шопенхауер: Како да победите во секоја расправија

1. Позицијата на вашиот противник однесете ја преку нејзините природни граници, преувеличите ја. Колку поопшта ја направите изјавата на противникот, толку полесно ќе најдете аргументи против неа. Колку е поограничена и поконцизна вашата позиција, толку полесно е да ја одбраните.

Од балконот

Статлер и Валдорф, или кај нас "оние старците од балконот на Мапетси," во нивните најдобри моменти.

За што сè плачат копиљаци

Благодарејќи на модерното чудо на технологијата, наречено смартфон, веќе нема да можеш да се вадиш дека твоите ти тераат црна кампања кога на стари години ќе те ругаат за тоа колку неподносливо дериште си бил/а. Неколку примери на прекрасно неподносливи детишта.

Никој нема право да живее без да биде навреден

Филип Пулман за правото на говор и твоето право да бидеш навреден и што можеш да направиш во врска со тоа, а можеш многу да направиш.

Кнедлите на баба

Краток филм од серијал поддржан од УНЕСКО а посветен на бабите од овој свет. Малку за фамозниот хрватски десерт од компири и сливи (ако се добро направени, да се удавиш во нив!), малку за судбината на една српско-хрватска фамилија расселена од војните во екс Југославија.

Роди ме мајко со талент и фрли ме во шоу

Многу забавна и досетлива точка од шоуто "Америка има талент." Дечкото има и талент и вештина и креативност... Да им се радуваш на вакви луѓе.

Турчинот наречен шамар

Ако сте со нежен стомак или образ, топло препорачуваме да го скокнете и заборавите ова видео. Оти вакво шакетање немате видено. Извесен Хулк од турската полиција приведува двајца лопови, им ја покажува техниката и ги тера да вежбаат еден на друг. Доколку е вистина дека криминалците имаат образ дебел како ѓон, овие двајца после видеово се исклучок од тоа правило.

Сè што не треба да направите кога пиете

Ќе го видите како изгледа Стив Карел откако Колбер го носи на пијачка, во истражувачки цели, за да покажат како влијае алкохолот на скоро па нормален човек. Па по ова имате една рецензија на сите негови грешки.

Ирска во Тбилиси

Опасно јака заебанција. Додека човек од Тбилиси, Грузија, со помош на апарат за виртеулна реалност ги разгледува убавините на Ирска, околу него луѓе му ја монтираат најреалната асоцијација на Ирска. Замислете го тој момент кога ги симнува наочарите!

Бетонски спијачи

Најава за хрватски документарец во 4 епизоди "околу модерната архитектура во Хрватска и регионот на поранешна Југославија, подрачје кое е единтсвено по бројот на напуштени и разрушени згради од 20-от век, со исклучителна архитектонска вредност. "

Стив Ирвин за катастрофи

Човеков има исто понашање спрема катаклизмични природни ситуации, како што Стив имаше спрема докажано нечовекољубиви суштества од типот "пазете, она таму е најотровната змија на светот... и сега ќе одам да ја допрам!"

Да го плашиме тато

Планот е добар: детето да стави чаршаф на себе и да се преправи во дух и да го извади татко му од памет. Но, секој план има некоја мана.

Како изгледа секој можен документарец за храна на Нетфликс

Мотото на готвачов е "мојата храна нема да ја ставиш на Инстаграм, ама за тоа ќе ја јадеш." Видеото е одлична пародија, а за тие што не го знаат серијалот This is That "е програма која не само што зборува за актуелните проблеми туку и ги измислува."

Bullshit!

Американскиот филозоф и автор на бестселерот "On Bullshit" Хери Франкфурт, и неговата теорија за срањата како алтернатива на вистината.

Невработен татко по клиповите на син му се познава

Два предуслови: мајката да не те знае што правиш и таткото да е невработен махер за компјутерски ефекти.

Ноктурно за рингтон

Опремен со виртуозна изведувачка техника и очигледно добро упатен во музичките структури, пијанистот Тони Ен во класични композиции умешно вметнува популарни рингтонови, како што е оној на Нокиа или Маримбата на Епл.

Иднината на сообраќајот е кинески автобус

Нема приземје, туку има само горен спрат. Нема гуми, а може и да има. За сега е само концепт што беше претставен на меѓународниот Хај-теч саем во Пекинг, а според луѓето што го смислија, тој би функционирал како метро, само што би чинел 20% поевтино да се произведе и постави.